Со громогласен аплауз беше поздравен претседателот на Украина – Володимир Зеленски од италијанските пратеници и сенатори на почетокот и на крајот од неговото 12-минутно обраќање пред парламентот на Италија.
„Нападот на Русија врз Украина може да предизвика глад во други земји во светот“, предупреди Зеленски.
Обраќајќи се преку видео врска, Зеленски рече дека неговиот народ се бори за опстанок додека руската армија ги уништува украинските градови и убива цивили.
„За руските војници Украина е вратата кон Европа која сакаат да ја пробијат, но не смее да се дозволи варварите да го направат тоа, рече тој, додавајќи дека ефектите од војната веќе се чувствуваат во многу делови од светот. Најлошото е што на некои земји им се приближува гладот. Украина отсекогаш била еден од најголемите извозници на храна, но како можеме да посееме род под руски артилериски напади?“ – праша украинскиот претседател.
Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека Украина пружила „херојски“ отпор на руската инвазија и вети дека ќе продолжи да им помага на бегалците и да испраќа воена помош.
„Ароганцијата на руската влада се соочи со достоинството на украинскиот народ, кој успеа да ги потисне експанзионистичките цели на Москва и да и нанесе огромна цена на окупаторската војска“ – рече Драги.