Русија со засилени напади против Украина

Руските сили денеска ја нападнале критичната инфраструктура во Харкив, вториот по големина град во Украина, и извршија повеќе напади врз енергетската инфраструктура во Запорожје, додека Москва ги засили своите напади на југот и истокот на Украина и сирените за воздушни напади се вклучија низ поголемиот дел од земјата, пренесува РСЕ.

Секретарот на градскиот совет на Запорожје, Анатолиј Куртиев, рече дека градот бил погоден 17 пати во еден час, што, според него, го прави најинтензивниот период на напади од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година.

Во Харкив, властите сè уште се обидуваат да ги утврдат информации за жртвите и обемот на уништувањето.

Во петокот во цела Украина беше прогласена тревога за воздушен напад, бидејќи властите предупредија на потенцијални руски ракетни напади, повикувајќи ги жителите да се засолнат.

„Постои голема закана од ракетен напад. Сакам повторно да нагласам – не ги игнорирајте сирените за воздушно предупредување“, рече Серхи Попко, шеф на градската воена управа на Киев.