Русија: Нема да има целосно снабдување со гас додека Западот не ги укине санкциите

Испораките на руски гас во Европа преку гасоводот „Северен тек 1“ нема да продолжат во целост додека „колективниот Запад“ не ги укине санкциите против Москва поради нејзината инвазија на Украина, соопшти Кремљ, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Рускиот портпарол Песков ги обвини ЕУ, Велика Британија и Канада за санкциите и го наведе ова како причина зошто Русија нема да испушта гас преку клучниот гасовод што испорачува гас до Германија од Санкт Петербург преку Балтичкото Море.

„Проблемот со испораката на гас настана поради санкциите што ги воведоа западните земји против нашата земја и неколку компании“, рече Песков, а пренесува агенцијата Интерфакс.

Ова е досега најстрогото барање на Кремљ ЕУ да ги повлече санкциите во замена за продолжување на испораката на руски гас до остатокот од Европа.

Русија сè уште ја снабдува Европа со гас преку гасоводот од советската ера преку Украина, кој остана отворен и покрај инвазијата, како и преку гасоводот Јужен тек низ Турција.