Русија кон Украина ги користи истите аргументи како негаторите на македонската самобитност и идентитет, кажа Пендаровски

„Опозициските политичари нудеа и нудат поништување на Договорот од Преспа, а како алтернатива нудат изолација или БРИКС, организација во која нема ниту една европска држава, каде членуваат Етиопија и Иран, а основач е Русија, која пред две години со оружје го нападна својот сосед, бидејќи била вештачка творба, а јазикот и идентитетот измислен од комунистите. Тоа е истата пропаганда која ја користат негаторите на македонската самобитност и идентитет“ рече претседателот Стево Пендаровски на конвецијата за промоција на кандидатурата за втор мандат.

Претседателот додаде дека истите тие политичари, дури и за референдумот за името во 2018 година немаа став и цело време велат „Никогаш Северна“, но од „Северна“, пет години добиваат функционерски плати и не им паѓа на памет да ги вратат мандатите на граѓаните.

„Пред три години, кога со сите сили кои ни се на располагање работевме на модификација на францускиот предлог и имавме тешки расправии со Софија за зачувување на македонскиот јазик и идентитет, опозицијата ги саботираше тие напори, а некои европски комесари, нивни стратешки сојузници и тогаш и денес, кои им ја работат и изборната програма, беа на бугарска страна“ рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека истите опозициски политичари не се ни извинија за најсрамниот чин во македонската историја – 27 април, кога за прв пат во модерната историја на Европа, една партија на власт организираше насилен бунт само за да не ја предаде власта на оние кои ја добија довербата од граѓаните.

„Наместо извинување, денес, амнестијата на тие насилници кои сакаа да убиваат пратеници им е дел од изборната програма“ рече Пендаровски.