Русија и Турција договараат коридор за извоз на украинското жито

Министерство за одбрана на Русија ќе разговара со Турција за формирање на црноморски коридор за извоз на украински житарици.

Ова синоќа го објави портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков.

„Претседателот Владимир Путин не планира да учествува во разговорите“ – рече Песков.

Турска воена делегација оваа недела ќе отпатува во Русија за да разговара за деталите за формирање можен коридор за жито, објави претходно вчера турската телевизија, повикувајќи се на информации од турското претседателство.

Русија и Украина, според британските медиуми, дојдоа во ќор-сокак во преговорите за извоз на жито од украинските пристаништа.

Русија окупираше големи делови од крајбрежјето на Украина, блокирајќи го извозот и зголемувајќи ги цените на житото.

Од друга страна, Русија ги обвинува санкциите за кризата со храна за ограничување на извозот на жито.

Руската инвазија го блокираше извозот на украински житарици преку Црното Море, клучен пат за извоз во Украина, четвртиот најголем производител на жито во светот.

Силосите на територијата контролирана од украинските сили се околу половина полни пред жетвата, што значи дека родот би можел да остане несобран доколку Русија не ја прекине блокадата на пристаништата на Црното Море, предупреди лидерот на организацијата која ги собира украинските земјоделци на почетокот на јуни.

Војната може да доведе до сериозен недостиг на храна на глобално ниво, бидејќи Русија и Украина сочинуваат околу 29 отсто од светскиот извоз на пченица.

Околу 345 милиони лица од 82 земји во светот се соочуваат со несигурност во снабдувањето со храна.