Русија испраќа дополнителни војници во Белорусија

Воз со руски војници и опрема пристигна во Белорусија, што предизвикува загриженост дека Москва би можела да ја искористи територијата на својот сојузник за да ја нападне Украина од север.

Белоруското Министерство за одбрана го потврди пристигнувањето на контингентот во петокот и соопшти дека претседателот Александар Лукашенко ја посетил воената база во која веќе се стационирани руски војници.

За време на средбата, Лукашенко и неименуван претставник на руската армија разговарале за заедничките воени вежби на двете земји, се наведува.

Руските војници „се подготвени да ги извршат задачите според планираното“, рече претставникот.

Веста доаѓа откако Белорусија, која ја поддржа Русија во нејзината војна против Украина, во четвртокот потврди дека ќе добие повеќе оружје и опрема од својот сосед додека двете земји продолжуваат да ја зајакнуваат воената соработка.

Белоруското Министерство за одбрана објави дека целта на создавање заеднички сили е „зајакнување на заштитата и одбраната на Унијата [на Русија и Белорусија]“.

„Персоналот, оружјето, воената и специјалната опрема на вооружените сили на Руската Федерација ќе продолжат да пристигнуваат во Република Белорусија“, се вели во соопштението.

Двете земји се подготвуваат за заеднички вежби на воздухопловните сили, соопшти Министерството, без да даде дополнителни детали.

Белоруската влада постојано повторува дека земјата нема да се приклучи на руската војна во Украина.