Министерството за внатрешни работи на Русија соопшти дека распишало потерница по поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко.
„Јулија Владимировна Тимошенко, родена на 27 ноември 1960 година, се бара според член од Кривичниот законик“, соопшти руското Министерство за внатрешни работи, без да прецизира за кое кривично дело е обвинета Тимошенко, пренесува Спутник.
Тимошенко ја извршуваше функцијата премиер на Украина од февруари до септември 2005 година, кога нејзината влада беше распуштена, функцијата ја презеде повторно во декември 2007 година. На почетокот на 2010 година, Тимошенко се кандидираше за претседател на Украина.
Пред да стане премиер, таа претставуваше успешна деловна жена проширувајќи го својот круг на соработка во индустријата за гас, влегувајќи во кругот на најбогатите луѓе во Украина.
Во март 2010 година, украинскиот парламент ја распушти владата предводена од Тимошенко. По поднесувањето на оставката, таа најави преминување во опозиција и иницираше формирање опозициска влада.