Русија доби неколку стотици дронови од Иран, тврдат од Белата куќа

Белата куќа објави „изгледа дека Русија ја зголемува воената соработка со Иран“ и добила неколку стотици офанзивни беспилотни летала што ги користи за време на нападите врз Украина, објави денеска Ројтерс.

Повикувајќи се на нови информации, Белата куќа соопшти дека беспилотните летала биле произведени во Иран, летале преку Каспиското Море и потоа ги користеле руските сили во борбата против Украина.

„Русија користеше ирански беспилотни летала во последните недели за да го нападне Киев и да го тероризира украинскиот народ, а руско-иранската воена соработка се чини дека се продлабочува. Загрижени сме и што Русија работи со Иран за производство на ирански беспилотни летала во Русија“, изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.

Тој посочи дека САД имаат информации дека Русија добива материјал од Иран неопходен за изградба на фабрика за беспилотни летала која би можела целосно да биде оперативна следната година.

„Објавуваме сателитска снимка од планираната локација на оваа фабрика за дронови во руската специјална економска зона Алабуга“, рече Кирби.