Русија се закани со контрамерки во случај Украина да влезе во НАТО, велејќи дека тоа ќе има „многу негативни последици за и онака полууништената европска безбедносна архитектура, а исто така ќе биде и крајна опасност и закана за нашата земја“, јавува германската новинаска агенција ДПА, објави Радио Слободна Европа.
Таквиот потег ќе бара „прилично јасен и силен одговор“ од руската страна, рече на 10 јули портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Кремљ е свесен дека постои дебата меѓу членките на НАТО за пристапот на Украина пред самитот во Литванија и „дека има различни гледишта за ова“, продолжи Песков.
Киев се обидуваше „да изврши притисок врз сите“ за ова прашање, рече тој.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг јасно стави до знаење дека Украина нема да стане членка додека трае војната и дека од самитот во Вилнус нема да биде испратена официјална покана до Киев.
Во НАТО нема едногласна позиција за тоа дали Украина треба да добие членство „во овој момент, среде војна“.
Пред самитот, неколку земји го поддржаа британскиот предлог да му се дозволи на Киев да ја прескокне таканаречената програма Акционен план за членство (МАП), која ги поставува политичките, економските и воените цели што кандидатите мора да ги исполнат и кои ги имаа другите земји од Источна Европа пред влез во НАТО.