Русија ги обвини САД и ЕУ за ескалацијата на тензиите во Косово

Русија денеска ги обвини САД и ЕУ за ескалација на тензиите на Балканот и порача дека загрижено ја следи ситуацијата по конфликтот меѓу косовската полиција и демонстрантите кои се спротивставија на албанските градоначалници да преземат функција на северот на Косово, каде што Србите се мнозинство.

САД и ЕУ во петокот го критикуваа Косово, велејќи дека употребата на сила за да се принудат градоначалниците да ги преземат должностите во областите со мнозинско српско население ги поткопува напорите за подобрување на односите со соседна Србија.

Денеска НАТО го повика Косово да ги намали тензиите со Србија.

Судирите меѓу косовската полиција и демонстрантите кои се противат на албанските лидери предизвикаа реакција од Србија, а претседателот Александар Вучиќ вчера ја стави армијата во борбена готовност и и нареди да се приближи до границата.

„Одлучно ги осудуваме провокативните чекори преземени од Приштина, кои ја доведоа ситуацијата во треска и директно ја загрозија безбедноста на целиот Балкан. Соединетите држави и Европската унија сносат целосна одговорност за ова“, изјави портпаролката на руското Министерство за одбрана, Марија Захарова.

„Западните посредници“ предоцна се сетија да го укорат Косово, коментира Захарова.

Србите на северот на Косово не ја прифаќаат прогласувањето независност на Косово од Србија од 2008 година, а Србите на Косово и Метохија сè уште го сметаат Белград за свој главен град.

Русија, инаку постојана членка на Советот за безбедност, го блокираше барањето на Косово да стане полноправна членка на Обединетите нации.