Русите ќе го запрат протокот на гас преку Северен тек

„На 31 август 2022 година, единствената станица за компресија на гас Трент 60 ќе биде исклучена на три дена поради одржување“, во која ќе учествуваат техничари на Сименс, се вели во соопштението за печатот на Гаспром.

Поради оваа причина, „транспортот на гас преку гасоводот Северен тек е во прекин на три дена“, се додава, истакнувајќи дека одржувањето на опремата е „неопходно по секои 1.000 часа“ работа. По тој период, испораките ќе продолжат со проток од 33 милиони кубни метри гас дневно, се додава.

Објавувањето на оваа информација може дополнително да го зголеми стравот од недостиг на гас во Европа, која ја обвинува Москва дека ги уценува снабдувачите со енергија. Откако западните земји воведоа санкции кон Москва по почетокот на нејзината офанзива врз Украина, Русија постојано го намалуваше количеството испорачано гас во Европа, која е во голема мера зависна од неа.

До минатата година, Европската унија увезуваше околу 40 отсто од гасот од Русија. Во последните недели Русија го оправда ова намалување со тоа што не ја врати турбината на Сименс од Канада, која беше таму за поправка и која Москва тврди дека е од суштинско значење за правилно функционирање на гасоводот Северен тек 1.

Европските земји ја обвинуваат Москва дека го отежнува враќањето на турбината за да има изговор да ги намали испораките и со тоа да изврши притисок врз нив. Десетдневниот прекин на снабдувањето во јули заради одржување ја зголеми загриженоста на европските земји кои со месеци се обидуваат да го диверзифицираат снабдувањето.