
Поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани (81), е повреден во сообраќајна несреќа во американската држава Њу Хемпшир, јавува Би-Би-Си.
Според извештајот на локалната полиција, Џулијани бил на совозачкото седиште во Форд Бронко кога нивното возило било удрен од друго возило во американскиот град Манчестер во вторник вечерта. Неговиот телохранител Мајкл Рагуса даде изјава во која детално ја опишува сериозноста на неговите повреди: „Му беше дијагностицирана фрактура на торакален пршлен, повеќекратни посекотини и контузии, како и повреди на левата рака и долниот дел од ногата“, рече тој.
Полицијата потврди дека сите вклучени во несреќата биле однесени во болница со повреди кои не биле опасни по живот. Рагуса додаде дека несреќата се случила кратко откако Џулијани ѝ помогнал на жртва на семејно насилство која го запрела на патот. „Градоначалникот Џулијани веднаш пружил помош и се јавил на 911“, се вели во соопштението.
Полицијата на Њу Хемпшир потврди дека нивните полицајци истражувале извештај за семејно насилство кога биле сведоци на судир на спротивната страна од патот. „Како резултат на судирот, двете возила слетаа на зелениот појас и беа сериозно оштетени“, соопшти полицијата. Истражителите го идентификуваа возачот што е виновен, но не се поднесени обвиненија и истрагата е во тек.
Руди Џулијани го доби прекарот „Градоначалник на Америка“ откако го водеше Њујорк за време и по терористичките напади на 11 септември 2001 година. Подоцна стана советник, а потоа и личен адвокат на Доналд Трамп, но нивната врска оттогаш заврши.
Првпат беше избран за градоначалник на Њујорк во 1993 година. По неуспешната претседателска кандидатура во 2008 година, тој стана клучен советник на Трамп за време на кампањата во 2016 година и се приклучи на неговиот личен правен тим во 2018 година.
По победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година, Џулијани беше клучен промотор на неосновани тврдења за изборна измама. Порано оваа година, тој постигна привремена спогодба во тужба за клевета, при што му беше наложено да плати 148 милиони долари отштета на двајца поранешни изборни работници за лажни обвинувања.