Рубио побарал од Муцунски пет проценти од БДП за трошоците за одбрана

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска во Вашингтон разговараше со државниот секретар на САД, Марко Рубио, на која биле разгледани можностите за продлабочување на трговските односи, за намалување на тарифите и можност за започнување на процес за потпишување на договор за слободна трговија.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска во Вашингтон разговараше со државниот секретар на САД, Марко Рубио, на која биле разгледани можностите за продлабочување на трговските односи, за намалување на тарифите и можност за започнување на процес за потпишување на договор за слободна трговија.

Во краткото соопштение на портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, се наведува Дека Рубио побарал од сојузниците во НАТО да издвојуваат пет проценти од БДП за одбраната.

Во соопштението на Брус за средбата се вели дека биле истакнати силните односи меѓу САД и Македонија и заедничките интереси за регионалната стабилност, економската соработка и НАТО. „Тие ги разгледаа можностите за проширување на економската соработка, вклучително и трговијата и инвестициите. Секретарот (Рубио) ја нагласи потребата сојузниците на НАТО да поддржат и да постигнат пет проценти од трошоците за одбрана“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Во соопштението на македонското МНР не се споменува делот за пет проценти од БДП, но се наведува дека се разговарало за намалување на тарифите за македонските производи.

„Министерот Муцунски ја нагласи посветеноста на македонската влада кон унапредување на политичкиот дијалог со САД, како и конкретната заложба за институционализирање на стратешкото партнерство преку спроведување на заеднички Акциски план“, се наведува во соопштението.

Во рамки на разговорот биле разгледани можностите за дополнително продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор и напредок во насока на намалување на тарифите и можноста за започнување на процес за потпишување договор за слободна трговија. Муцунски ја истакнал отвореноста на македонската влада кон унапредување на економската соработка, привлекување американски инвестиции и зголемување на присуството на американски компании во земјата.

Разменети биле и мислења за безбедносната соработка во рамки на НАТО, каде што нашата држава продолжува да дава активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции над два проценти од БДП во одбранбениот сектор. Особено внимание било посветено на регионалната стабилност и развојот на Западен Балкан.

Министерот Муцунски изразил благодарност за постојаната поддршка од страна на САД, со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика и конкретни резултати, на билатерално, регионално и глобално ниво.