РТС: Амбасадорите на ЕУ согласни да испратат писмо до Србија, како прв чекор кон отворање на Кластерот 3
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ постигнаа договор да испратат писмо до Србија за отворање на Кластерот 3, што е прв чекор во таа процедура, јави РТС повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ постигнаа договор да испратат писмо до Србија за отворање на Кластерот 3, што е прв чекор во таа процедура, јави РТС повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.
Таквата одлука е донесена како дел од поширокиот договор за усвојување заклучоци за политиката на проширување, што беше постигнат синоќа на средбата на амбасадорите, пренесе Бета.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ синоќа повторно разговараа за писмото на Србија за отворање на Кластерот 3, по четири средби без постигнат договор, а разговараа и за Нацрт-заклучоците на Советот за општи работи на Унијата за проширување. Како што дознава РТС, одлуката за испраќање писмо до Србија формално ќе биде усвоена денеска, на почетокот на состанокот на Советот на министри за општи и европски прашања, на кој проширувањето ќе биде една од главните теми.
„Амбасадорите усвоија заклучоци за проширувањето. Тоа е голем успех што ќе даде силен поттик за проширувањето кон Западен Балкан и пошироко во годините што доаѓаат“, објави на Х, Унгарија, актуелен претседавач со ЕУ.
Испраќањето на писмото е првиот чекор во процедурата за отворање на Кластерот 3 и воедно најмногу за што земјите-членки би можеле да се договорат во овој момент. Од Белград се бара да ја достави својата преговарачка позиција за поглавјата што треба да се отворат во Кластерот 3.
Според дипломатските избори, писмото треба да содржи и листа на чекори што Србија треба да ги спроведе во наредниот период, пред се во областа на владеењето на правото, со цел ЕУ да се врати на темата за отворање на Кластерот 3. Според некои најави, ова би можело да биде веќе во јануари или февруари, но во текстот на заклучоците не се наведени рокови, туку напротив се наведува дека ЕУ ќе го преиспита ова прашање „врз основа на значителниот напредок на Србија, пред се во клучните области на владеење на правото и нормализација на односите со „Приштина“, пренесе Бета.
Пред самитот на лидерите ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 18 декември, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта за РТС изјави дека Србија наскоро би можела да постигне напредок во преговорите, со оглед на некои позитивни оценки на Европската комисија.