Михаел Рот – поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во Бундестагот изјави дека ЕУ мора да ги забрза пристапните преговори со земјите од Западен Балкан, бидејќи во спротивно други земји, како Русија и Кина, ќе го искористат овој момент и ќе го пополнат вакуумот. Тој потенцира дека е дојдено време С. Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ.
„Нашите пријатели од Западен Балкан предолго чекаа. Мора да ги забрзаме преговорите, бидејќи ако ЕУ не е видлива, активна и доволно гласна, авторитарните режими, како Русија, Кина или Турција, ќе го пополнат вакуумот, а тоа апсолутно не е во германски или европски интерес“ – изјави Рот.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Украина, рече дека војната во Украина е голема трагедија и дека ЕУ мора да преземе поголема одговорност за да се постигне мир и стабилност во целиот регион.
„Ова не значи само во Источна Европа туку и во Западен Балкан. Ова е обврска за нас. И ако ја повикаме Украина, тоа не значи дека веќе не сме заинтересирани за продолжување на односите со Албанија и другите земји од Западен Балкан. Време е да започнеме преговори со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро“ – потенцираше екс-германскиот министер.