
МВР ја објави листата на пријави против Илија Стефановски (39) од Скопје, кој го изврши двојното убиство во Велес, во кое жртви беа неговата поранешна партнерка Росица Коцева и нејзиниот татко. Притоа е евидентирано следното:
-На 26 јануари годината во 23:30 часот во СВР Велес, Р.К.(31) пријавила поплака против И.С.(39) од Скопје дека на улица „Христо Татарчев“ во Велес ја вознемирувал додека шетала куче. За наведеното И.С. е предупреден.
-На 21.2.2025 во 1:40 часот во СВР Велес пријавила дека во периодот од 22:10 до 23 часот на 20.2.2025 во двор на основно училиште во Велес била физички нападната од И.С. од Скопје, со кого претходно била во врска.
-На 4.3.2025 во 00:25 чaсот во Велес, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес го лишиле од слобода И.С.(39) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во ходник од станбена зграда на улица „Христо Татарчев“ во Велес, физички го нападнал И.М.(35) од Велес, додека бил со неговата пријателка Р.К.(31) од Велес. И.С. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и поднесен е соодветен поднесок.
За претходно наведените настани, а по барање на ОЈО Велес, во врска со пријавени настани од Р.К. против И.С. за временскиот период од 27.12.2024 до 01.3.2025, до ОЈО Велес доставени се примероци од сите службени материјали
-На 18.5.2025 во 14:30 часот во СВР Велес пријавила дека на неколку локации во Велес, И.С.(39) од Скопје испишал графити со навредливи и заканувачки содржини во кои директно е наведено нејзиното име и презиме и нејзиниот полубрат, како и во повеќе наврати пишувал пораки на нејзиниот татко и на нејзина пријателка преку социјални мрежи, со навредлива содржина упатени кон неа и побарала И.С. да се предупреди. До СВР Скопје е испратен службен материјал, по однос на пријавата, каде бил извршен службен разговор со И.С. кој ја негирал поврзаноста со наведениот настан, за што бил изготвен и службен материјал.
-На 18.5.2025 во 5:30 часот во СВР Велес е пријавено дека на паркинг простор на улица „Петре Прличко“ во Велес настанал пожар во патничко возило „мицубиши“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на К.К.(74) од Велес. Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од Територијална противпожарна единица Велес. Увид на местото изврши увидна екипа од СВР Велес. По преземени мерки е утврдено и пријавено од 31-годишната Р.К. од Велес дека во периодот од 22 часот на 17.5.2025 до околу 5:30 часот на 18.5.2025 возилото било одземено од пред домот на нејзиниот татко. Се работи на расчистување на случајот.
-На 19.6.2025 во 14:30 часот во СВР Велес е повикана Р.К.(31) од Велес, со која е извршен службен разговор во врска со пријава од вработена во продажен објект во Велес, дека пронашла УСБ залепено на влезна врата од објектот, на кое имало слики и видео записи со експлицитна содржина од нејзе и И.С.(39) од Скопје.
-На 7.7.2025 во 13 часот во СВР Велес била повикана Р.К.(31) од Велес, по издадена наредба од ОЈО, каде таа пријавила дека И.С.(39) од Скопје не ја почитувал мерката забрана за приближување, за во СВР Велес да приложи доказен материјал во однос на пријавата и од страна на СВР Велес материјалот е доставен во ОЈО.
Од извршените проверки, евидентирана е и кривична пријава поднесена од СВР Скопје против И.С. за сторено кривично дело „телесна повреда при семејно насилство“ предвидено по член 130 став 2 од КЗ за настан случен на 27.12.2024. Исто така, извршени се и проверки во евиденциите во СВР Велес во врска со пријави од И.С. против Р.К., при што евидентирано е следното:
-На 9.2.2025 во 19:20 часот во СВР Велес е повикана Р.К.(31) од Велес во врска со претходно пријавена поплака против нејзе од И.С.(39) од Скопје пријавена во Скопје и изготвен е службен материјал.
-На 22.5.2025 во 14:30 часот во СВР Велес е повикана Р.К.(31) од Велес во врска со претходно пријавена поплака против нејзе од И.С.(39) од Скопје, пријавена во Скопје и изготвен е службен материјал.
-На 5.6.2025 во 17 часот во СВР Велес е повикана Р.К.(31) од Велес во врска со претходно пријавена поплака против нејзе од И.С.(39) од Скопје, пријавена во Скопје и изготвен е службен материјал.
Практично, со овие објави МВР сака да си создаде алиби дека постапувало, и уште повеќе дека и убиецот ја пријавувал убиената – без да се каже за што. Притоа пишувал графити со навредлива содржина, палел, се заканувал и лепел УСБ и сето тоа не било доволно да ја заштитат убиената, надвор од бирократско правење записник.
Јавноста од вчера е згрозена од убиството и реакциите се бројни, со општ заклучок дека жените немаат заштита од полицијата. реагираше и СДСМ. Даниела Колева, претседателка на Форумот на жени, побара да се повика на одговорност полицијата.
-Двојното убиство во Велес е страшна трагедија, но уште пострашно е што денес зборуваме за животи што можеле да бидат спасени. Овој случај е јасен доказ за системски колапс на ВМРО-ДПМНЕ и за институционалната незаинтересираност за граѓаните и заштита на жртвите на семејно насилство. Полицијата на Тошковски и Центарот за социјална работа не само што не си ја завршија работата, со својата негрижа овозможија насилството да ескалира до убиство.
Сега веќе убиената Росица барала помош кога била тепана, кога имала закани, барала помош кога и била запалена колата. Ама никој ништо не презeл. Полицијата на Тошковски била алармирана со повеќе пријави за закани, за физички напади, за палење на возилото и кражба. Над 70 пати. Ама, со прст не мрднале. Не издале забрана за приближување, не спровеле постапка, не обезбедиле заштитни мерки. Ништо. Тоа е пропуст кој денес значи два загубени животи. За ова одговорноста мора да има и да почне од првите луѓе на СВР Велес.
Понатаму, Центарот за социјална работа не понудил никаква помош на жртвата, не спровел проценка на ризик, не ја сместил во безбедна куќа. Ја оставиле сама и незаштитена, иако опасноста била очигледна. Насилникот не бил третиран како високоризично лице иако заканите биле повторувани и сериозни.
Ова е суровата реалност во Македонија денеска со ВМРО-ДПМНЕ. Институциите што треба да ги штитат граѓаните, жените потфрлиле. Нивното молчење, нивната инертност и некоординираност ја чинеа Македонија уште еден фемицид. Оваа трагедија е институционален срам и мора да има одговорност. Бараме итна ревизија на случајот, одговорност и санкции за сите службениците кои не постапиле. За живот се работи. Одговорност мора да им, порача Колева.
Преземено од Независен