Романскиот јавен долг ќе достигне 60 отсто од БДП, предупредува министерот за финансии

На прашањето колку е Романија блиску до губење на инвестициониот рејтинг, министерот одговори: Многу блиску. Никогаш не сме биле во полоша состојба од сегашната.

Јавниот долг на Романија оваа година се очекува да достигне 60 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), предупреди романскиот министер за финансии Александру Назаре во синоќешното интервју за телевизијата „Антена 3 СиЕнЕн“.

Според него, во последните пет години јавниот долг на земјата пораснал од 570 милијарди леи на над 1,1 трилион леи, што претставува зголемување од 20 проценти.

Назаре, кој ја презеде функцијата на крајот на јуни, призна дека Брисел континуирано барал од Романија да преземе корективни мерки за стабилизирање на јавните финансии, но тие не биле реализирани.

– Овие барања се присутни веќе три години, особено интензивно во последната година и пол, но не презедовме ништо, изјави министерот.

Во 2024 година, буџетскиот дефицит на Романија достигна 9,3 отсто од БДП, пораст од 6,6 отсто во 2023 година. Тоа доведе до зголемување на јавниот долг на 54,8 проценти од БДП во 2024, во споредба со 48,9 проценти претходната година.

Европската комисија прогнозира буџетски дефицит од 8,6 проценти од БДП за 2025 година, доколку не се променат постојните политики. Истовремено, очекуваниот економски раст на Романија за оваа година е 1,4 проценти.

Новата романска Влада, која стапи на должност во јуни, веќе изгласа пакет фискални и буџетски мерки во Парламентот со цел намалување на прекумерниот дефицит. Мерките вклучуваат зголемување на даноци и такси, меѓу кои и покачување на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 19 на 21 отсто почнувајќи од 1 август.

Притоа, намалената стапка од 11 отсто ќе остане за основните прехранбени производи, лекови, огревно дрво, книги, водоснабдување, канализација, топлификација, како и за културни услуги и институции.

Фискалната консолидација предизвика протести и незадоволство во јавноста. Синдикалната конфедерација „Картел Алфа“ денеска организира протестен марш околу Парламентот во поддршка на работниците и пензионерите.

Министерот Назаре предупреди дека мерките ќе имаат негативно влијание врз животниот стандард и инфлацијата. – Треба јасно да кажеме дека овој пакет, иако ја стабилизира економијата и нѐ штити од губење на кредитниот рејтинг, ќе има неповолни ефекти. Тоа ќе се одрази врз инфлацијата, но е цена што мора да ја платиме за да избегнеме многу повисока, изјави тој за порталот News.ro.

На прашањето колку е Романија блиску до губење на инвестициониот рејтинг, министерот одговори: Многу блиску. Никогаш не сме биле во полоша состојба од сегашната.

Според податоците на Националниот завод за статистика, инфлацијата во Романија во јуни пораснала на највисоко ниво во последната година, достигнувајќи 5,7 проценти на годишно ниво, по 5,5 отсто во мај. Последен пат вакво ниво било забележано во април 2024 година, кога стапката изнесувала 5,9 отсто.