
Романскиот вицепремиер Анастасиу поднесе оставка откако призна дека дал мито
До оставката дојде по новинарска истрага во која се наведува дека компании во сопственост на Анастасиу осум години давале мито на инспектор од Националната даночна управа (ANAF) за да избегнат контроли. Анастасиу бил сослушан како сведок и ги признал фактите. - Се работеше за опстанок на компанијата. Избрав компромис. Направив грешка, изјави тој.
Романскиот вицепремиер задолжен за реформи во буџетскиот систем, Драгош Анастасиу, поднесе оставка поради вмешаност во корупциски скандал.
На синоќешната прес-конференција, Анастасиу изјави дека оставката не му била побарана од премиерот Илие Боложан, туку сам решил да се повлече за да не наштети на угледот на Владата.
– Му реков на премиерот дека отсега натаму ќе направам повеќе штета отколку корист. Не сакам да го дискредитирам имиџот на Владата. Но моето заминување не значи дека реформите треба да сопрат – напротив, рече Анастасиу.
До оставката дојде по новинарска истрага во која се наведува дека компании во сопственост на Анастасиу осум години давале мито на инспектор од Националната даночна управа (ANAF) за да избегнат контроли. Анастасиу бил сослушан како сведок и ги признал фактите.
– Се работеше за опстанок на компанијата. Избрав компромис. Направив грешка, изјави тој.
На прашањето зошто не ги пријавил злоупотребите, одговори: „Во тој контекст, кога сите мои соработници се плашеа од контроли и уцени, не веруваа дека е можно да преземат нешто. Не се оправдувам, само ја објаснувам ситуацијата. Имаше два вида мито – за опстанок и за збогатување. Во 90-тите тоа се правеше со плик или куфер“.
Првата политичка реакција стигна од опозициската крајнодесничарска партија Алијанса за единство на Романците (АУР).
– Оставката на Анастасиу е чин на морална хигиена. Но обидот да ги оправда своите постапки покажува зошто Романија со децении живее во систем на мито – за опстанок или збогатување. Да признаеш дека си дал мито како херој што спасува работни места, е понижување за законот и чесните граѓани, изјави портпаролот на АУР, Дан Танаса.
– Сега остануваат уште четворица вицепремиери. Кој ќе биде следниот што ќе замине?, праша Танаса.