Рокас: Искористете го тековниот момент на наклонетост кон проширувањето
Сите политички партии треба постојано да придонесуваат за јакнење на улогата на Собранието како форум за конструктивен и инклузивен политички дијалог во насока на забрзување на реформите за членство во Европската Унија, повика амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас
Сите политички партии треба постојано да придонесуваат за јакнење на улогата на Собранието како форум за конструктивен и инклузивен политички дијалог во насока на забрзување на реформите за членство во Европската Унија, повика амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас денеска во Парламентот, на заедничка седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, на чиј дневен ред беше Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2024 година.
Рокас во обраќањето кажа дека треба да се искористи, како што рече, моментумот на наклонетост во Европската комисија кон нашата земја за почеток на преговори за членство во Унијата.
-Би сакал да ве поттикнам да го искористите тековниот момент на наклонетост кон проширувањето. Има вистински моментум, има вистинска посветеност. Од наша страна сме посветени и подготвени да ви помогнеме да го изодите патот кон Европската Унија. Како што сите сведочевте во последните неколку извештаи од Брисел, има голем интерес и благонаклонетост кон Република Северна Македонија да се отвори првото поглавје во преговорите. Новиот претседател на Советот, новиот комесар за проширување и новиот потпретседател на Комисијата Калас, сите ја изразија поддршката за вашиот пат кон ЕУ, рече евроамбасадорот.
Им порача на пратениците да ја искористат „на најдобар можен начин оваа можност, пред се и над се заради придобивките за граѓаните кои сакаат да бидат дел од Европската Унија“.
Според него, „духот на постојана и добра соработка меѓу Собранието и новоизбраниот Европски парламент повторно се потврдува со 23. состанок на Мешовит парламентарен комитет кој ќе се одржи во Скопје“ и, како што рече, тоа го потврдува и комуникацијата со новиот известител од ЕП, Томас Вајц. Посочи и дека за продолжување на реформи кои веќе се почнати на располагање им е и дијалогот Жан Моне.
Евроамбасадорот укажа дека изборите и именувањата „на одредени позиции во државни институции и агенции треба да бидат навремени и да се темелат на заслуга“ и европско знаменце при донесување закони да се употребува само кога се работи за закони за усогласување со законодавството на Европската Унија.
-Новиот собраниски состав треба да ја забрза својата работа и да продолжи со реформите коишто се неопходни за процесот на евроинтеграција на државата вклучително и уставните измени. Собранието треба да усвои агенда со која ќе се намали употребата на скратена или итна постапка на закони и да внимава на соодветна употреба на европското знаменце, процедура која беше забележителна во минатото. Употребата на европското знаменце во процедурите треба да биде поврзана само со законите коишто имаат цел усогласување со законодавството на Европската Унија и да се темели на сеопфатни консултации, вклучително и консултации со Европската комисија, рече Рокас.
Осврнувајќи се на извештајот на ЕК, тој посочи дека десеттиот парламентарен состав го извршил својот мандат главно задоволително, имало политичка поларизација и, како што рече, „имаше одредено задоцнување во однос на назначување одредени функции во институциите на државата“.
– Парламентарните и претседателските избори беа компетитивни и се одржаа во главно задоволителна атмосфера. Сепак, имаше ограничен напредок во однос на препораките од ОБСЕ и Венецијанската комисија и Комисијата за човековите права и тие треба да се имплементираат што е можно поскоро на инклузивен и сеопфатен начин пред следните избори. Собранието не успеа да го постигне двотретинското мнозинство потребно да се направат измени во Уставот и да се вклучат граѓаните коишто живеат во границите на оваа држава, меѓу другите и Бугарите. Немаше ни консензус во однос на процесот за усвојување на закони, меѓу кои и законите за реформи во јавната администрација и правобранителот, рече Рокас.