Родителите од Кочани ја нарекоа Сиљановска „маќеа“ и побараа оставки од неа, Мицкоски и Тошковски

„Ни вети дека ќе биде мајка за сите граѓани. Тоа што го вети не излезе така. Сега, едно ќе те прашам тебе, мајко моја, званична маќео, ми пушти писмо, за три дена ме најде, а ме заборави за 24 часа. Да види македонскиот народ на што личи ова. Нема никаков потпис од нашата мајка. Дали не ти е срам?“, рече тој. Драги Георгиев обвини дека службите го следеле со возила, а на гробишта некој му се заканил дека „многу зборувал и пишувал на социјалните мрежи“. Тој извади банкнота од 2.000 денари, ја остави на улицата и ги повика властите да дојдат да ја земат, за како што рече, да имаат пари да запалат свеќа за загинатите деца во „Пулс“.

Гневот во Кочани не стивнува, туку се зголемува.

На денешниот протест „Марш на ангелите“ на родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс на 16 март се излеа толку многу лутина, гнев и разочарување кон највисоките претставници на властите во Македонија каков што не беше забележан досега. Родителите се гневни на досегашната истрага и уште еднаш ги поставија прашањата зошто никој од актуелните функционери не е опфатен. Тие директно ги обвинија јавниот обвинител Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека не направиле доволно за да се открие вистината за трагичниот пожар и зошто некои луѓе се заштитени во истрагата.

Највпечатливо беше обраќањето на таткото на загинатиот тапанар на групата „ДНК“ кој зборуваше толку остро и гневно за претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ја нарече „маќеа“ а не мајка на државата. Слични квалификативи беа употребени за премиерот Христијан Мицкоски, кој беше означен со зборот „кукавица“. Тој побара оставки од Сиљановска, Мицкоски и Тошковски – одредувајќи го датумот – 16 – а самите да одберат во кој месец ќе ги поднесат.

Досега родителите беа генерално воздржани од квалификативите за највисоките функционери, но денеска гневот веќе не можеше да се запре. Обраќајќи ѝ се на Сиљановска, Драги Георгиев (таткото на тапанарот Героги Георгиев) тој рече дека за три дена го пронашле за да го поканат за средба, биле на таа средба, а потоа Сиљановска заборавила на нив за 24 часа. Тој го искина писмото испратено до него од Сиљановска, на кое немало потпис, бидејќи било испратено циркуларно до сите. Слично такво писмо им испратил и премиерот Мицкоски, исто така без потпис.

„Ни вети дека ќе биде мајка за сите граѓани. Тоа што го вети не излезе така. Сега, едно ќе те прашам тебе, мајко моја, званична маќео, ми пушти писмо, за три дена ме најде, а ме заборави за 24 часа. Да види македонскиот народ на што личи ова. Нема никаков потпис од нашата мајка. Дали не ти е срам?“, рече тој.

Драги Георгиев обвини дека службите го следеле со возила, а на гробишта некој му се заканил дека „многу зборувал и пишувал на социјалните мрежи“.

Тој извади банкнота од 2.000 денари, ја остави на улицата и ги повика властите да дојдат да ја земат, за како што рече, да имаат пари да запалат свеќа за загинатите деца во „Пулс“.

Пред Обвинителството, една од мајките истакна дека, институциите им ја потрошиле секоја тронка надеж дека оваа држава може да ги заштити и дека трагедијата ќе биде лекција за во иднина, вакво нешто да не се повтори.

„Министерот Тошковски и обвинителот Коцевски ни должат одговор како е можно полицијата да прави акциска контрола во објект кој воопшто не смеел да работи, објект кој немал валидна лиценца, а имал и блокирана сметка. Ако објектот не смеел да работи, тогаш институциите треба да одговорат кој направил пропуст, за дискотеката да биде отворена“, рече мајка на загинато момче која праша како е можно 80 дена да нема одговор за потеклото на пиротехниката и за тоа кој ја внел.

Одговорност побараа и од УЈП кои го казниле објектот, но не го затвориле.

Додека беа пред полицијата родителите забележаа дека од горните прозорци се снимани, па револтот кај нив дополнително се зголеми.