
Родителите и семејствата на загинатите од трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани попладнево го одржаа 27-миот марш на ангелите
Маршот почна во 15 часот и пет минути во Паркот на револуцијата во Кочани, продолжи кон трговскиот центар, Управата за јавни приходи и полициската станица, а потоа кај двојниот мост и пред Основниот суд во Кочани и заврши во Паркот на револуцијата.
– Ние не бараме ништо повеќе од вистинска правда – за нашите деца, за сите што ги нема, и за идните генерации кои ќе живеат во оваа земја, посочија родителите.
Голем инцидент се случи откако родителите кои ги загубија своите најмили го затекнаа обвинетиот поранешен градоначалник Ратко Димитровски во кафеана во друштво на актуелен кандидат за градоначалник на Кочани.
Родителите кои ги загубија децата во пожарот директно се конфронтираа со присутните. Еден од родителите го запраша кандидатот дали учи школа од ексградоначалникот како да биде криминалец.
Друг родител му посочи на Димитровски дека е директно одговорен за смртта на неговото дете. Трет родител, пак, посочи дека ако во оваа држава нема правда за неговото дете тој лично ќе им пресуди на сите одговорни за трагедијата.
Полицијата мораше да интервенира и да ги евакуира присутните. Порталот „Инфомакс“ објави видео од настанот.