
Роберт Просинечки е нов селектор на фудбалската селекција на Црна Гора
Роберт Просинечки е новиот селектор на фудбалската репрезентација на Црна Гора, беше одлучено на Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора.
Просинечки ќе го потпише договорот во недела на 4 февруари, по што ќе биде претставен на прес-конференција закажана во Куќата на фудбалот.
Хрватскиот стручњак е седми селектор во историјата на црногорската репрезентација и на таа позиција ќе го наследи Миодраг Радуловиќ. Претходно „соколите“ од клупата ги предводеа Зоран Филиповиќ, Златко Крањчар, Бранко Брновиќ, Љубиша Тумбаковиќ и Фарук Хаџибегиќ.
Просинечки имаше блескава играчка кариера, неговата тренерска кариера барем засега е далеку од тоа.
Двапати ги водеше Црвена звезда, Кајзериспор, селекциите на Азербејџан и Босна и Херцеговина, Денизлиспор, Олимпија Љубљана и Рудеш.
Тој минатиот септември ја напушти клупата на Загреб, откако во седум лигашки кола освои само еден бод.
Важи за најуспешен селектор на Азербејџан, заедно со Германецот Берти Фогтс. На клупата на таа селекција забележа неколку забележителни резултати како реми со Хрватска, Норвешка и Чешка.