РКЕ: Ова е најдинамичната недела на берзата на нафтени деривати, очекуваме стабилизирање!
„Се наоѓаме во најдинамичната недела со најголем број на флуктуации на дневна основа на берзата на нафтените деривати особено на дизелот што се рефлектираат на крајната цена на дериватите што ги плаќаат крајните купувачи во земјава“ порачаа од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
Додаваат дека вчера донеле одлука за намалување на маржите за трговците за 33 отсто, односно од 4,5 на 3 денари за литар за да се амортизира крајната цена.
„Доколку во вчерашната одлука за зголемувањето на цената на нафтените деривати реално ги земеле сите параметри, цената на дизелот би се зголемила за 10,5, а на бензините за 5,5 денари за литар“ порачуваат од РКЕ.
Ги повикуваат трговците на трпеливост и солидарност и најавуваат дека маржата ќе им биде вратена веднаш кога ќе се создадат услови за тоа. Потсетуваат дека за заштита на цената не електричната енергија и парното греење профитот кај МЕПСО и ЕСМ е намален за 90 отсто, а кај БЕГ е 0 отсто.
Очекуваат и Собранието брзо да ги донесе новите мерки за акцизата и ДДВ-то на горивата што вчера ги усвои Владата.
Потсетуваат дека тоа што се случува со суровата брент нафтата на берзите нема влијание кај нас во пресметките зашто, како што велат, кај нас влијае она што се случува на берзите за секој нафтен дериват посебно и курсот на денарот во однос на доларот. Се зема просекот од пет дневните котации на берзата за секој нафтен дериват посебно.
Од РКЕ нагласуваат дека се одлучиле на таков начин на пресметка со пет дневен просек за да нема ценовни шокови.