Ријад: Трамп најави одмазда на нападот врз амбасадата на САД

Војната на Блискиот Исток продолжува со несмалена сила - со напади во повеќе земји во регионот. Во главниот град на Саудиска Арабија, Иран со дронови ја погоди американската амбасада. Претседателот Трамп најави одмазда.

Американската амбасада во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, беше нападната со два дрона, објави саудиското Министерство за одбрана. Во нападот избувна мал пожар и е предизвикана помала материјална штета, изјави портпаролот на министерството утринава. Американската амбасада го потврди нападот. Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека американската војска „наскоро“ ќе преземе одмазднички мерки за нападот врз амбасадата.

„Избегнувајте да одите во Амбасадата до понатамошно известување поради нападот врз зградата“, соопшти американската амбасада во Ријад. Амбасадата денеска остана затворена. На граѓаните на САД во Ријад, Џеда и Даран им е советувано да останат во затворен простор.

Претходно, очевидци изјавија за АФП дека виделе облаци од чад како се издигаат над американската амбасада и слушнале силни експлозии. АФП од извори блиски до саудиската војска дознал дека саудиската воздушна одбрана пресретнала четири дронови кои се движеле кон дипломатскиот кварт во западниот дел на Ријад. Подоцна, дописник на АФП во Ријад извести за нови експлозии во центарот на саудискиот главен град.

Нападите во Саудиска Арабија се совпаднаа со бранот ракети и беспилотни летала лансирани од Иран кон неколку земји од Персискиот Залив. Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати објави дека земјата била нападната со балистички ракети од Иран. Министерството за одбрана на Катар објави дека армијата пресретнала две балистички ракети.

САД и Израел започнаа масовни воздушни напади врз Иран во саботата. Врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи и други членови на иранското раководство беа убиени во нападите. Како одговор на нападите на Израел и на САД, Иран од саботата ги напаѓа Израел, неколку земји од Заливот, како и американски објекти во регионот.

Преземено од DW