Поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, ја прифатил понудата да биде министер за локална самоуправа во владата на премиерот Димитар Ковачевски. Лично Пенов за „360 степени“ потврди дека по консултациите во изминатите денови решил да ѝ се врати активно на политиката и да го води ресорот што ѝ припаѓа на неговата матична Либерално-демократска партија (ЛДП).
Ако Пенов и официјално биде предложен за министер и Собранието го потврди неговиот избор, тој ќе го наследи се уште актуелниот лидер на ЛДП, Горан Милевски, кој даде оставка. До крајот на неделата, како што претходно изјави потпретседателката на партијата, Моника Зајкова, се очекува да заседаваат партиските органи за и официјално да биде доставен предлог за министер до владините партнери.
Премиерот Ковачевски денеска рече дека се чека официјална номинација од ЛДП.
„Министерството за локална самоуправа, во распределбата на ресорите и одговорностите, е во одговорност на Либерално-демократската партија и штом ЛДП ќе предложи личност што ќе го замени постојниот министер кој поднесе оставка, тогаш тоа ќе биде доставено до парламентот“, изјави денеска Ковачевски.
Актуелниот министер Милевски оставката ја достави пред една недела, а во изјава за медиумите рече дека повлекувањето е од лични причини.