Ристо Пенов избран за министер за локална самоуправа

Собранието денеска со 63 гласа „За“ го избра Ристо Пенов за министер за локална самоуправа на 88. седница.

Пенов доаѓа на министерската функција откако неговиот сопартиец и претходник Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини.

Расправата за изборот на Пенов траеше три дена, а во тек на денешната дебата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека заслугите на Пенов не се „толку големи“.

Пратеникот Антонио Милошоски рече дека „е нејасно зошто Курто Дудуш не е предложен за министер за локална самоуправа“.

„Можеби Ристо Пенов бил некогаш подобро запознаен со предизвиците на локалната самоуправа и проблемите со кои се соочуваат општините, но има градоначалници во овој момент кои се соочуваат со актуелните проблеми и знаат што е најсериозно потребно за локалната самоуправа да се развива. Курто Дудуш е од ЛДП кандидат и нејасно е зошто ЛДП нема доверба тој да е министер за локална самоуправа. Курто Дудуш најверојатно не е пожелен ни во ЛДП, ни во Владата да ги застапува интересите на локалната самоуправа“ рече Милошоски.

Пратеничката од СДСМ Санела Шкријељ верува дека Пенов ќе биде на „познат терен“ во ресорот локална самоуправа и на тоа според неа може да се гледа како позитивен развој на настаните.

„Метрополата се најде во клинч меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ кое ја донесе на тоа место. За жал, поради неуспешниот партиски пазар стана јасно дека Скопје ќе се гуши во ѓубре, ниту едно дрво нема да биде засадено, јавниот сообраќај ќе остане нерешен, греењето и осветлувањата Владата ќе ги решава, а Данела и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја шират војната и во останатите општини во Градот Скопје. Од тие причини, уште повеќе го поддржувам предлогот Ристо Пенов да биде избран за министер и се согласувам со очекувањата на премиерот дека треба и врувам дека тој ќе демонстрира посветеност, работа, чесен пристап кон граѓаните и државата. Знам дека и колегите од опозицијата го делат ова мислење за Пенов без разлика на овој перформанс наменет исклучиво за нивното гласачко тело“ – рече Шкријељ.