Ристоска: Одбраната намерно го влече „Талир 2“ – нека се појави Груевски и нека признае вина

На денешното рочиште за предметот „Талир 2“, одбраната на поранешниот премиер Никола Груевски повторно влезе во судска конфронтација со обвинителката Ленче Ристоска. Адвокатот Сашко Христовски Липски, кој по службена должност го застапува Груевски, побара повторно испитување на сите 17 сведоци на Обвинителството, тврдејќи дека има нови прашања за нив.

На денешното рочиште за предметот „Талир 2“, одбраната на поранешниот премиер Никола Груевски повторно влезе во судска конфронтација со обвинителката Ленче Ристоска. Адвокатот Сашко Христовски Липски, кој по службена должност го застапува Груевски, побара повторно испитување на сите 17 сведоци на Обвинителството, тврдејќи дека има нови прашања за нив.

Според Ристоска, таквото барање нема правна основа и има за цел да го продолжи процесот, кој мора да заврши пред истекот на роковите за застарување. Предлогот на обвинителката сведочењата да се прочитаат наместо повторно да се повикуваат сведоците беше прифатен од судијката Даниела Алексовска-Стојановска.

Меѓу сведоците чиј исказ ќе биде прочитан се високи партиски функционери – Александар Николоски, Ане Лашкоска, Антонијо Милошоски, како и поранешните пратеници и министри Силвана Бонева, Владимир Пешевски и Билјана Бришкоска.

Во судницата се случи и најострата размена на ставови помеѓу обвинителката и адвокатот на Груевски. Откако Липски изјави дека би сакал да постигне договор со обвинителството, Ристоска одговори со директна порака:

„Нека дојде Груевски, нека признае вина.“

Адвокатот инсистираше дека има „нови суштински елементи“ за кои сака повторно да ги испита сведоците:

„Околностите за кои ќе се постават дополнителните прашања се различни од минатата судска расправа… Имаме нови околности за да ја докажеме невиноста на Груевски.“

Судијката го праша кои се конкретните нови околности и зошто тие не биле поставени во претходниот процес, кога одбраната веќе имала можност да поставува вкрстени прашања на речиси сите сведоци.

Ристоска од своја страна повтори дека се работи за тактика за одолговлекување:

„Противењето е дадено во насока да се одолговлечи постапката и со оглед на роковите на застареност да се издејствува одлука што би значела избегнување одговорност за Груевски.“

Обвинителката реагираше и на дел од прашањата што одбраната му ги поставуваше на вештото лице Снежана Филиповска – прашања кои не биле дел од вештачењето и кои судот ги одби по нејзин приговор.

Во политичкиот дел од случајот, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на последниот брифинг со новинарите повтори дека партискиот имот останува замрзнат поради двата процеса – „Талир 1“ и „Талир 2“.

Тој изјави:

„На власт сме година и половина, но имотот сè уште ни е замрзнат. Најверојатно судот чека предметот природно да застари, иако целосно е неправен.“

Замрзнатиот имот, познат како „Белата палата“, и понатаму не смее да се продава, а евентуалната закупнина не смее да се користи и мора да оди на посебна сметка.

Судењето за „Талир 2“, кое се однесува на изградбата на седиштето на партијата, трае веќе шест години. Првичната пресуда беше укината од Апелација поради измените во Кривичниот законик. Предметот застарува во август 2026 година. Во тек е и постапката за „Талир 1“, која се однесува на финансирањето на партијата.