
Реџепи: Одлуката на Уставниот суд за методологијата за пописот е огромен успех
Реџепи рече дека доколку премиерот, власта и сите политички чинители сакаат еднаш засекогаш да имаме попис кој ќе биде статистички, кој ќе биде за надгледување на економскиот и социјалниот развој на државата, тогаш треба да се направат уставни промени.
Скендер Реџепи, пратеник од „Европски фронт“, кој беше и подносител на иницијативата до Уставниот суд, смета дека оваа најнова одлука поврзана со пописот е особена значајна за оние што привремено живеат надвор од државата, а како што вели тој, се исклучени од секој благодат на државата.
„Пописот само во Македонија, од цела Европа, е од политички карактер тоа го кажа и самиот премиер како да измислил топла вода, имајќи предвид дека и премиерот и сите политички чинители се свесни дека кај нас пописот е од политички карактер, а не е статистичка операција, бидејќи правата на еден етникум, односно Албанците зависат од процент предвиден во Уставот, што е сосема нормално да се гледа политички“, рече Реџепи на денешната прес-конференција во Собранието.
Затоа, додаде тој, доколку премиерот, власта и сите политички чинители сакаат еднаш засекогаш да имаме попис кој ќе биде статистички, кој ќе биде за надгледување на економскиот и социјалниот развој на државата, тогаш треба да се направат уставни промени.
„Ги повикувам да направиме уставни промени, да ја избришеме омаловажувачката графа од 20 отсто и да се замени со албански јазик и албански етникум со што еднаш засекогаш ќе имаме соодветен попис“, смета Реџепи.
Тој додаде дека одлуката на Уставниот суд во голем дел била правна, но и политичка.
„Одлуката на Уставниот суд е за поздравување, бидејќи поголемиот дел од одлуката е правна, но еден дел е и политичка, ако ја земеме предвид изјавата каде што беше кажано дека не делува ретроактивно, што за нас е политички, бидејќи во текот на ова една година се донесени одредени одлуки околу носењето на буџетите на општините во кои се целосно исклучени граѓаните од дијаспората. Зошто е ова направено само власта го знае тоа не било предвидено ни со закон, меѓутоа согласно сите демократски одредби треба да ги предвидат во буџетите и оние кои студираат во странство или работат привремено надвор од државата бидејќи тие треба да ги уживаат истите права како што имаат и одговорности“, додаде Реџепи.
Затоа тој рече дека ќе бараат политичка и кривична одговорност од власта, како и враќање на средствата што досега не им биле дадени на општините.
„Затоа ќе бараме политичка и кривична одговорност заради затајување на можноста да може да се буџетират сите општини опфаќајќи ги сите граѓани. За исклучувањето на оние кои не биле предвидени во буџетот на општините ќе бараме од обвинителство да покрене одговорност кон нив и тие треба во што поскоро време да ги враќаат средствата кои не се дадени на општините“, изјави тој.
За потсетување, Уставниот суд минатата недела соопшти дека на седница оцениле дека категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ население од Методологијата за пописот од 2021 година не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.