Вкупно 33 од 80 општини во земјава се во процес на подготовка на интегрирани локални развојни планови, со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Тоа се сеопфатни планови за развојот за наредните четири години, кои се базираат на податоци за тоа со какви капацитети располага општината, какви потреби има, каква и е финансиската состојба и каков развој сака и може да постигне во тој период. Поради тоа плановите се нарекуваат интегрирани, бидејќи го опфаќаат целосното функционирање на локалната самоуправа насочено кон остварување на своите стратешки цели.
Подготовката на интегрираните планови се состои од повеќе чекори. Прво се собираат податоци од различни области, па се анализираат силните и слабите страни, можностите и ризиците во секоја општина (SWOT), а се прават и социо-економски анализи. Преку форуми на заедниците се консултираат граѓаните за тоа кои се приоритетите на кои треба да им се обрне внимание. Овие јавни консултации би се одржале во септември и октомври годинава, а готовите интегрирани локални развојни планови општинските совети би ги изгласале до декември.
За сите општини обезбедена е обука за изработка на плановите за општинските тимови составени од координатор и вработени од различни сектори, како и стручна помош од консултант.
Методологијата на изработка на овие планови овозможува севкупно подобрување на соработката и инклузивноста во процесот. Главната идеја е проектите кои би се реализирале во иднина, наместо на годишна, да се планираат на повеќегодишна основа.
Исто така, планирањето треба да ја подобри приоритизацијата на проектите по години – кога ќе се градат одредени улици, водоводни или други проекти, кога ќе се работи на јавните установи, на јавното зеленило итн. Со тоа треба да се напушти сегашната честа пракса на спроведување ад-хок проекти, а наместо тоа да се направи повеќегодишен план што ќе се спроведува постaпно, а со тоа ќе биде поодржлив и поостварлив.
Понатаму ќе се работи на подобрувањето на кадровската екипираност и организација на општините. Покрај недостатокот на кадри во одредени клучни области, како инспектори или информатичари, голем дел од општинските администрации главно имаат изолиран секторски пристап кон планирањето. Овие планови бараат воспоставување интегриран пристап за заедничко решавање на проблемите што е клучот за успехот на локалните напори за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Интегрираните локални развојни планови се подготвува во рамките на проектите „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, финансиран од Шведска и од Бирото за регионален развој и „Зајакнување на општинските совети“ финансиран од Швајцарската агенција за развој и од Министерството за локална самоуправа. Проектите ги имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).