
Амбасадорите на Финска, Шведска и Австрија, Никлас Линдквист, Ами Ларсон Џаин и Мартин Памер денеска порачаа дека најважно за Северна Македонија е да ги направи сите неопходни реформи и да остане на евроинтегративниот пат. Во однос на билатералното прашање со Бугарија, шведската амбасадорка смета дека тоа е одлука која што треба да се донесе од властите на Северна Македонија, додека австрискиот амбасадор рече дека овој предизвик ќе може да се надмине со спроведување на т.н. компромис од страна на ЕУ постигнат во 2022 и оти е потребно да се има добра волја за да се изнајде решение.
Линдквист, Ларсон Џаин и Памер денеска на панел дискусија во Европска куќа, говореа за придобивките од зачленувањето во ЕУ по повод 30-годишнината од пристапувањето на Австрија, Финска и Шведска во Европската Унија.
На прашањето дека со оглед на тоа што сме пофалени за Реформската агенда, но од друга страна сме заглавени со прашањето со Бугарија, Линдквист рече дека е важно Северна Македонија да продолжи со преговорите со ЕУ за овие прашања.
-Од моја гледна точка тоа што е најважно е дека вие може да имате најголема корист од Планот за раст на ЕУ, затоа што мислам дека токму со Планот за раст и Реформската агенда можат да се видат најголемите резултати што се дел на процесот на преговори со ЕУ и дека преку овие две работи можете да им ги покажете на граѓаните кои се најголемите придобивки од членството во ЕУ, рече Линдквист.
Според него, секогаш е многу важно да се има дијалог со која било земја и да се има отворена дискусија кога зборуваме за самото членство во ЕУ. -Во овој контекст сакам да нагласам дека преговорите на вашата земја се водат со ЕУ, а не да се водат преговори со која било соседна земја, рече Линдквист.
Шведската амбасадорка истакна дека исполнувањето на реформите ќе го скратат патот на преговори на земјава во ЕУ.
-Реформите навистина ќе и помогнат на земјата да ја доближат до ЕУ и исто така така ќе го скратат патот за зачленување на вашата земја во ЕУ. Пример ако на Шведска и беа потребни четири години за да преговара и за да ги спроведе сите неопходни реформи за да стане членка на ЕУ, со оваа реформска агенда мислам дека на вашата земја ќе и треба многу пократко време. Така да ова е навистина многу добра вест. Исто така тоа што можам да кажам дека што се однесува на другите политички прашања, особено за билатералниот спор, мислам дека тоа е одлука која што треба да се донесе од властите на Северна Македонија, значи тоа е ваша одлука, нагласи Џаин.
Потсети дека Шведска има програма за поддршка на земјава, и над десет милиони евра годишно се имплементираат, се инвестираат во државата со цел, како што посочи, да и се помогне да може што поскоро да стане земја членка на ЕУ, меѓутоа исто така да може оваа земја да напредува во спроведување во реформите.
Австрискиот амбасадор, на прашањето ако државава не ги почне преговорите во следната година или година и пол, дали ќе може да го стигне очекуваниот датум од 2030 за членство во ЕУ на другите соседни земји, и дали Австрија посредува да се изнајде решение во прашањето со Бугарија, рече дека е помалку важно да се зборува за конкретни датуми туку за поголеми достигнувања во контекст на реформи.
-Мислам дека е помалку важно да зборуваме за конкретни датуми а повеќе е важно да зборуваме за поголеми достигнувања во контекст на реформи кои се бараат од вашата земја. Речиси сите земји членки го поддржуваат вашето членство во ЕУ некои повеќе некои помалку, меѓутоа мислам дека тоа што е најважно е да можеме сите да и помогнеме на земјата што поскоро да ги надмине сите прашања за да стане членка на ЕУ. Верувам дека овој предизвик што е пред вашата земја мислам дека ќе може исто така да се надмине со спроведување на т.н. компромис од страна на ЕУ постигнат во 2022 така што мислам дека е потребно да се има добра волја за да се изнајде решение, потенцира Памер.
Говорејќи за бенефитите од 30-годишното членство во ЕУ, амбасадорите ги нагласија економските придобивки како и достигнувањата во областа на четирите слободи на ЕУ – слободно движење на стоки, капитал, услуги и работна сила.
-Што се однесува на економските бенефити што Финска ги има искористено и ги ужива како резултат на членството на ЕУ исто така можам да ја потенцирам вредноста и сите други вредности за кои ЕУ застанува зад владеењето на правото, човековите права исто така и сите други слободи кои можат да ги уживаат граѓаните на Финска како дел на ЕУ, мислам дека овие вредности се токму тие права што се важни за сите граѓани кои можат да ги искористат како дел на ЕУ се разбира секој граѓанин ги цени овие вредности. Со нетрпение очекуваме да го споделиме нашето искуство и со Северна Македонија, рече Линдквист.
Порача на македонските власти дека е најважно дека како земја треба да останеме на евроинтегративниот пат од кој веќе сте дел.
Шведската амбасадорка Ларсон Џаин рече дека кога Шведска станала земја членка на ЕУ, на референдумот имало мала разлика и голем број граѓани имале негативни размислувања во врска со членството во ЕУ.
-Меѓутоа на крајот се покажа и се докажа, дека после 30 години членство во ЕУ, сега може да споредбата да се направи ако 47 отсто од граѓаните на Шведска гласаа против членство на ЕУ, сега имаме 62 отсто од граѓаните на Шведска кои се во интерес коишто се за членство на Шведска во ЕУ, и исто така имаме 73 отсто од граѓаните што значи силно мнозинство од граѓаните на Шведска коишто мислат дека Шведска има позитивни придобивки од нејзиното членство во ЕУ. Исто така кога зборуваме за самите придобивки од членството на Шведска во ЕУ, тоа се економските придобивки. Се разбира дека ние како општество и ние како земја сме ориентирани кон извозот. Така да 60 отсто од нашиот извоз оди кон ЕУ, меѓутоа исто така имаме отворен пазар со сите други нордиски земји. Така да, навистина членството во ЕУ донесе голем бенефит за Шведска. Исто така и слободното движење на граѓаните на Шведска низ целата ЕУ е голем бенефит и другите можности коишто им ги се нудат на младите Швеѓани да можат да патуваат, меѓутоа исто така да студираат во рамките на ЕУ. Јас сум личен пример, студент сум на Еразмус плус. Имав можност една година да студирам во Франција, што го отвори мојот пат кон меѓународна кариера, којашто всушност денеска ме има донесено тука во Скопје, рече амбасадорката.
Австрискиот амбасадор Памер, рече дека членството на Австрија е голем успех кој придонел за создавање годишно на над 18.000 нови работни места, голем економски раст, извозот се зголемил за четири проценти, а странските директни инвестиции се зголемиле за десет отсто.
-Ова донесе големо богатство за Австријците исто така и за четирите слободи на кои се заснова ЕУ како што е слободата на движење, на патување, заедничката валута, на студирање во ЕУ. Членството во ЕУ придонесе за голем напредок и динамика за развој на самото општество во Австрија како дел од ЕУ., рече Памер.
Оцени дека за земји од мала и средна големина, многу е важно да се преземат сите чекори кои што носат напред кон членство во ЕУ и смета дека тоа е најдобрата опција, затоа што, како што рече: „сите ние како дел од ЕУ сме посилни кога сме заедно и исто така на политичко ниво и како дел на единствениот пазар на ЕУ“.
-За мала земја како Северна Македонија, членството во ЕУ е единствениот пат и единствената опција. Првата работа што треба да се потенцира е да се спроведат сите неопходни реформи во вашата земја, кои не се поврзани само со едно прашање, додаде Памер.
Вршителот на должност амбасадор во Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау рече дека членството на овие три држави овозможило стекнување на поголеми искуства во одржливото земјоделство, шумарство и одржливиот развој, заштита на животната средина, справување со климатските промени, иновациите, образованието.