Ресторан посветен на италијанската премиерка Џорџа Мелони е отворен во Албанија, во близина на камп каде што ќе се обработуваат барањата за азил на луѓето кои сакаат да влезат во ЕУ по поморски пат.
Кампот е дел од контроверзниот договор меѓу Тирана и десничарската влада на Мелони, пишува „Гардијан“.
Локалот, кој се вика „Траторија Мелони“ и е претставен како ресторан за морска храна, се наоѓа во северното пристаниште Шенѓин. Сопственик е Ѓерѓ Лука, за кого албанските медиуми пишуваат дека е близок до премиерот Еди Рама.
Гостите во ресторанот насекаде ја гледаат италијанската премиерка – локалот го „красат“ дури 70 портрети на Мелони, која во исто време е првата жена-премиер на Италија и лидерка на партија со неофашистички тенденции, која се вика „Браќа на Италија“.
Меѓу портретите има насмеана Мелони, сериозна, лута и Мелони како девојче, тинејџерка и политичар.
„Кога кујната, уметноста и политиката ќе се спојат, можете да направите убави нешта“, изјави сопственикот на ресторанот за АФП.
Мелони и Рама минатото лето го изработија миграцискиот план, опишан од здруженијата за човекови права како „нелегален според меѓународното право, но премолчено одобрен од ЕУ“.
Мелони ја посети локацијата на кампот во Шенѓин во јуни, пред отворањето на ресторанот. Тоа е еден од двата центри кои се очекува да започнат со обработка на барањата за азил во наредните недели. Според договорот финансиран од Италија, мажите кои го минуваат Медитеранот од северна Африка и се пресретнати од италијанската крајбрежна стража, ќе бидат одведени во Албанија.