Рение: Маск може да искажува свои ставови, но мора да водиме сметка за ризиците по изборите
Слободата на изразување е во сржта на и на сопственикот на платформата Икс, Илон Маск му е дозволено да ги искажува своите лични ставови и неговите политички мислења поврзани со ЕУ и онлајн и офлајн, изјави портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение коментирајќи за „мешањето на Маск во изборите во Германија“.
Слободата на изразување е во сржта на Законот за дигитални услуги (ДСА) и на сопственикот на платформата Икс, Илон Маск му е дозволено да ги искажува своите лични ставови и неговите политички мислења поврзани со ЕУ и онлајн и офлајн, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение во одговор на новинарско прашање за коментар за „мешањето на Маск во изборите во Германија“.
– Согласно Законот за дигитални услуги платформата треба да докаже дека работи во законските граници и дека не се злоупотребува за системски ризици, кои, на пример, се однесуваат на граѓанскиот дискурс во изборниот процесор. Така што, слободата на изразување на сопствените ставови е една работа, тоа може да го правите во ЕУ и секогаш сме многу јасни дека ДСА не цензурира содржини од никаков тип и слободно можете да ги искажете своите мислења, но има одредени ограничувања, особено кога платформата се употребува или злоупотребува во одреден контекст, рече Рение.
Маск најави дека в четврток ќе има разговор во живо на социјалната медиуми Икс со лидерката на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), Алис Вајдел и со кандидатот на партијата за германски канцелар на предвремените парламентарни избори на 23 февруари, Даниел Тап. Ваквата постапка на Маск беше оценета како негова поддршка за АФД и „мешање во германските избори“.
Според Рение, ДСА не забранува организирање вакви настани во живо, но дека на сето тоа треба да се гледа во целокупниот актуелен контекст и да се води сметка за системски ризици кои „можат да произлезат од одредени практики на платформата, вклучувајќи и таков пренос во живо“.
Tој додаде дека слободните и фер избори се сржта на сите демократии, па затоа согласно Законот за дигитални услуги на ЕУ, сите големи онлајн платформи се должни да ги анализираат и ублажат потенцијалните ризици кои доаѓаат од содржините што се објавуваат на нив, што ги вклучува и објавите на Маск на социјалната мрежа во негова сопственост.
– Комисијата во декември минатата година веќе отвори истрага против Икс за прекршувања во областите поврзани со управувањето со ризиците по граѓанскиот дискурс и изборните процеси, потсети Рение.
Тој информира дека Комисијата во координација со германските надлежни органи, граѓанските организации и со многу големите онлајн платформи, вклучувајќи го и Икс, на 24 јануари ќе организира тркалезна маса на која ќе се разговара за ризиците по претстојните федерални парламентарни избори во Германија.