РЕК Битола ќе плати над 4 милиони евра за набавка на адитиви

РЕК Битола на тендер со само една понуда ќе плати над 4 милиони евра за набавка на адитиви кои помагаат да се формира помалку згура при согорување јаглен. При тоа компанијата што го доби тендерот е регистрирана за дејност трговија на мало со весници и канцелариски прибор. Лани оваа фирма имала вкупен приход од 343.000 евра што е 12 пати помалку од тендерот што го доби од РЕК Битола, објавува Фактор.

Уште еден милионски тендер со само еден понудувач, овој пат во портфолиото на најголемиот државен производител на струја РЕК Битола. Битолската филијала на ЕСМ склучи договор со фирма регистрирана за трговија на мало со весници и канцелариски прибор. Од нив ќе купи адитиви кои треба да го намалат замастувањето односно да го намалат формирањето на згура која е дериват при согорувањето јаглен за правење на електрична енергија.

Адитивот ќе го набави Браинкоде фирма регистрирана во општина Ѓорче Петров е од италијанскиот производител AQUAFLEX S.R.I, а неговата специјализација во областа на чистење разладни кули е достапна на следниот линк Acquaflex – COOLING TOWER & EVAPORATIVE CONDENSER.

Инаку многу е интересна „крвната слика“ односно финансиското работење на „Браинкоде“ за минатата година. Фирмата која е сопственост на велешката Марија Јорданова е регистрирана со основачки влог од 5.000 евра и нема податок за број на вработени што наведува на заклучок дека ова друштво и нема вработени лица.

Фирмата која ќе набавува адитиви за намалена згура при согорување јаглен е регистрирана за трговија на мало со весници и канцелариски материјали и постои од 2017 година.

И сега е најитересниот дел: фирма што лани имала вкупен приход помал од 350.000 евра во еден деловен зафат добива бизнис вреден 4,2 милиони евра!!!

И уште позанимлив е моментот што на тендерот немало друг понудувач. Само малата фирма за трговија со весници од скопски Ѓорче Петров. И така „во се согласно уставот и законите“ како што велеше една поранешна министерка оваа фирма добива тендер за набавка на 190 тони адитив со спецификација RPT 601 со единечна цена од 18.570 евра за еден тон.

Затоа што нема друг понудувач нема наддавање односно негативна аукција и РЕК Битола ја прифаќа фирмата на Јорданова по почетна цена од 3,53 милиони евра за тон без ДДВ.