Рекорд во Европа – лани 11.000 Албанци аплицирале за азил во земјите од ЕУ
Албанските граѓани продолжуваат масовно да бараат азил во некоја од земјите на Европската Унија.
Последните податоци на Агенцијата за азил на Европската Унија (ЕУАА) покажуваат дека во 2021 година барање за азил поднеле вкупно 11.246 албански граѓани, од нив 77 отсто аплицирале по првпат.
Во периодот од 2013 до 2021 година, рекорден број имало во 2015 година кога азил побарале 68.925 албански граѓани.
„И покрај трендот на опаѓање, во однос на земјите од регионот, Албанците сакаат да заминат повеќе од сите други земји во регионот. Од Северна Македонија, која е втора земја на листата има околу 5 илјади барања или помалку од половина од Албанија. Следува Србија со 3.200, Босна и Херцеговина со 2.500, Косово со околу 2.300 и Црна Гора со помалку од 500. Дури и во однос на населението, Албанија е рекордер со 3,9 барања на 1000 жители“ – пренесува агенцијата „Балкан веб“.
Според истиот извор, значително посилен пораст има само кај граѓаните на С. Македонија (5.000), чии апликации се зголемени за четирипати.