Резолуцијата со Бугарија што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ е штетна – отвара прашања што веќе се затворени, вели Каранфилова Пановска

„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се гарантирани со обврзувачки документи на Европската Унија, со преговарачката рамка, што ја имаме на масата и со договорот со Фронтекс. Македонскиот јазик е заштитен во рамките на ЕУ, на македонски јазик се преведуваат договорите што се потпишуваат со нашата држава“, рече заменик-претседателката на СДСМ.

Иницијативата за заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ е штетна оти ги подрива нашите позиции како држава и го отвара прашањето за македонскиот јазик и идентитет, што веќе комплетно е затворено во време на владата на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ). Ова денеска го изјави заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска во интервју за ТВ Канал 5, коментирајќи го предлогот на премиерот Христијан Мицкоски, за земјава со заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент да ја потврди посебноста на македонскиот идентитет и јазик.

„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се гарантирани со обврзувачки документи на Европската Унија, со преговарачката рамка, што ја имаме на масата и со договорот со Фронтекс. Македонскиот јазик е заштитен во рамките на ЕУ, на македонски јазик се преведуваат договорите што се потпишуваат со нашата држава. Апсолутно не гледаме причина во оваа ситуација со една ваква иницијатива одново да отвораме прашања што се затворени, само и единствено да служат на дополнителни поделби и поларизација во општеството, нешто што ни е најмалку потребно“, рече таа.

Според неа, треба да престанеме да се занимаваме со тоа кој е патриот, а кој е предавник.

Посочи дека европска интеграција значи реформа на системот, реформа на општеството, за да можат граѓаните да живеат во една подобра и поубава држава.

„Сето она што ВМРО-ДПМНЕ го ветуваше и сето она што го демонстрира во овие 13 месеци власт е се, само не подобрување на позициите во процесот на европската интеграција. После фијаското што го доживеаја со извештајот во Европскиот парламент и со необезбедување сојузништво ниту од своите сестрински партии, сметаме дека резолуцијата не е во интерес за градење на подобра позиција, туку ќе се користи како алиби дополнително да се замрзнат односите со Бугарија и дополнително да се блокира процесот на европска интеграција“, изјави заменик-претседателката на СДСМ.

Посочи дека СДСМ е за продолжување на нашиот евроинтегративен пат по принципот на градење на добри добрососедски односи, на градење на пријателства, на градење на мудра политика што нам ќе ни го откочи тој пат и ќе ни го одблокира на ефикасен начин.

Затоа, како што додаде, не ни е потребно дополнително подривање на нашите позиции и креирање на дополнителни пречки.

Претседателката на ДКСК треба да си поднесе оставка од морални причини

-Сметаме дека првата антикорупционерка има одговорност да го штити кредибилитетот и интегритетот на ДКСК како еден симбол на борбата со корупција на оваа држава. Сериозните обвинувања коишто се појавија за претседателката на ДКСК, по два основи мислам дека се повеќе од доволни да самата таа си поднесе оставка од морални причини. Затоа што самиот тек на постапостапките, нејзино суспендирање на еден начин од обврските што ги има како прва антикорупционерка во државата го бараат тоа од неа како личност.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја разгледува иницијативата на дел од политичките партии, на Левица во случајот, за интерепелација, градиме став. Но, едно е јасно и сигурно дека во ваква ситуација претседателката на ДКСК може да си поднесе оставка од морални причини, рече Каранфилова Пановска.