
Редок вид леопард е спасен во Авганистан
Авганистанските власти заробија и спасија снежен леопард кој претходно уби околу 30 грла говеда во планинскиот регион на североистокот на земјата, соопшти денеска група за заштита на дивиот свет, додавајќи дека леопардот наскоро ќе биде пуштен во дивината.
Примерок од овој многу редок вид е фатен во четвртокот вечерта, откако бил заробен во штала во руралниот округ Зибак, во провинцијата Бадакшан.
Леопардот претходно уби околу 30 животни, соопштија локалните власти.
Животното сега е во ветеринарната станица поради повреда на едната шепа, а кога ќе закрепне ќе биде пуштено.
Планинскиот североисточен Авганистан е едно од ретките природни живеалишта на снежниот леопард, наречен „духот на планината“.
Снежните леопарди се класифицирани како „ранливи“ видови и нивниот број се намалува поради климатските промени, губењето на живеалиштата и ловокрадството.