Редици за вода во Киев, голем дел од Украина без струја

Снабдувањето со електрична енергија и вода низ Украина е тешко нарушено откако Русија вчера со десетици проектили ги гаѓаше клучните објекти.

Украина соопшти дека Русија извршила бран ракетни напади низ целата земја, вклучително и во главниот град Киев – додека Москва ги засилува нападите врз клучната инфраструктура пред зимата.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека 40 отсто од главниот град остануваат без вода, а 270.000 домови немаат струја.

Низ градот се забележани долги редици, а жителите очајнички собираат вода од пумпите.

Напади имаше и во Харков, во Дњепар и Запорожје на југоисток, во централна Виница и во западниот регион Лавов, при што украинските власти соопштија дека биле погодени вкупно 18 објекти.

Сепак, украинската војска рече дека соборила 44 крстосувачки ракети.

Во нападите низ целата земјата се повредени 13 лица, рече Украина. Русија соопшти дека нападите биле насочени кон воената контрола и енергетските системи на Украина и дека сите цели биле погодени.