Владимир Путин не присуствува на погребот на Михаил Горбачов, последниот советски претседател и носител на Нобеловата награда за мир.
Русите денеска имаат два часа да се збогуваат од Горбачов. Телото на Горбачов е изложено во величествената сала со столбови во Домот на синдикатите.
Поради актуелната политичка состојба на погребот нема светски државници. Единствен кој најави пат за Москва е унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Унгарското МНР на Твитер напиша дека Орбан сака на Горбачов да му оддаде „последна почест“. Кремљ веднаш соопшти дека не се планира средба на Орбан и Путин.
Погребот на Горачов, исто така, нема официјален статус на државен погреб. Сепак, има почесна стража.
Тоа е минимално во споредба со националниот ден на жалост и државниот погреб во главната катедрала во Москва што се одржа во 2007 година за поранешниот руски претседател Борис Елцин. Тој беше клучен во соборувањето на Горбачов додека се распадна Советскиот Сојуз, а подоцна лично го избра Путин за негов наследник.
Многу Руси не може да му го простат тоа што не успеа да го спречи распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, како и економскиот хаос предизвикан од неговата „перестројка“.
Горбачов почина во вторникот на 92-годишна возраст, а московјаните ќе можат да го посетат неговиот одар во импозантната Сала на колоните, недалеку од Кремљ, каде што им се оддава последна почест на поранешните советски лидери.