Регулаторна ќе презентира заклучоци од анализа за реформа на тарифниот систем за струјата
Во понеделник Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ќе одржи јавна трибина на која ќе ги презентираат заклучоците од анализите на предложената реформа на тарифниот систем за електрична енергија. Оваа анализа ја подготвиле од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј “.
Сите дилеми кои потрошувачите ги имаат и ги поставиле до РКЕ во однос на скалесто тарифирање се земени во предвид во анализите.
„Главната цел на воведување на скалестото тарифирање е да се формираат блок тарифи што ќе стимулираат намалување на потрошувачката на електрична енергија во текот на високата дневна тарифа, а ќе стимулираат поголема потрошувачка во ноќната ниска тарифа, и со тоа да се обезбеди заштита на домаќинствата чија потрошувачка на електрична енергија е во рамки на просечната потрошувачка во државата. Со ваквиот начин на тарифирање ќе се обезбеди фер пристап, односно оние коишто трошат значително поголеми количини на електрична енергија од просечната потрошувачка, ќе плаќаат и повисока цена за истите“ – соопштуваат од РКЕ.
Посочуваат дека блок тарифите ќе се применуваат само во периодите на високи дневни оптоварувања (од 07:00 до 22:00) часот, додека во периодите во ниски дневни оптоварувања (22:00 до 07:00) и недела ќе се применува истата цена.