Регистрирано зголемување на манипулативните кампањи за дисквалификација на ЕУ

Зголемувањето на бројот на ваквите кампањи се случува заедно со зајакнувањето на антидемократските сили и зачестеното користење на вештачката интелигенција за пласирање на лажни информации, што во целина претставува сериозна закана за демократијата.

Во 2024 година регистрирани се 503 тенденциозни кампањи за влијание насочени против ЕУ, што претставува значителен раст на бројот на ваквите активности и укажува на зголемено ниво на странско мешање, се наведува во извештај на Унијата за дезинформациските кампањи од странство.

– Овие често се државно спонзорирани кампањи и имаат за цел да ги поткопаат демократските процеси преку ширење дезинформации, вознемирување на општеството и манипулирање со јавните дебати, особено во време на изборите, се посочува во документот.

Според проценките на ЕУ, зголемувањето на бројот на ваквите кампањи се случува заедно со зајакнувањето на антидемократските сили и зачестеното користење на вештачката интелигенција за пласирање на лажни информации, што во целина претставува сериозна закана за демократијата.

– Злонамерните странски актери користат манипулација со информации и други тактики за да влијаат врз демократските процеси и имаат за цел да го ослабат демократското управување во земји кои се цел на нивните активности, се проценува во извештајот.

Според анализа спроведена од истражувачки тим на белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, вакви појави се регистрирани во речиси сите земји членки на ЕУ и во државите кандидати за членство, при што главно средство за ширење на манипулациите и дезинформациите се социјалните медиуми.

Меѓу таквите обиди за манипулации се тврдењата дека ЕУ ја принудува Словачка да користи само тоалетна хартија изработена од слама, наместо од хартија, дека Унијата усвојува ново законодавство што ќе дозволи апсење на критички настроените новинари, дека блокот го забранува Божиќ или дека на бугарските фарми им налага меѓу ангажираните работници да има и одреден задолжителен број припадници на ЛГБТ+ заедницата.

– Европската Унија редовно се прикажува како диктатура која сака да интервенира во секој аспект од животите на луѓето. Вакви пораки што се појавуваат во речиси сите земји членки, а многу лажни вести за ЕУ циркулираат и во државите што не се членки на Унијата во кои се води жестока дебатата за членството, како што се Грузија и Молдавија. Пораките често потекнуваат од проруски налози или се шират од овие налози, се наведува во анализата.

Во неа се посочува оти е легитимно да се критикува ЕУ и да се верува дека таа се однесува „диктаторски“ и дека вашата земја треба да ја напушти Унијата, но ваквите кампањи не претставуваат легитимна критика, туку имаат за цел дискредитирање на блокот и поттикнување поларизација на општеството.

null

Лажните тврдења до кои дошол истражувачкиот тим на ВРТ, како што се наведува во анализата, тематски можат да се поделат на четири групи: „ЕУ поттикнува војна“, „ЕУ воведува цензура“, „ЕУ се меша во секој аспект од приватниот живот и потрошувачките навики на граѓаните “ и „ЕУ влијае врз идентитетот на луѓето“.

Така, регистрирани се тврдења дека ЕУ ќе бара граѓаните своите заштеди да ги инвестираат во обраната, дека сака да ја подели Украина или дека планира да воведе задолжителна регрутација.

Во втората група, покрај веќе споменатото наводно законодавство за апсење на критички настроените новинари, има и информации дека ЕУ ги цензурира своите граѓани и дека поништува избори ако не и се допаднат изборните резултати.

Во однос на влијанието врз приватниот живот, забелжани се тврдења дека Европската комисија бара од словачките мелничари да додаваат црви во брашното или дека ЕУ „тајно става инсекти во лебот“.

Во врска со идентитетот, регистрирани се лажни содржини дека ЕУ ги промовира Исламот и миграцијата, дека плаќа по три милиони евра за секоја изградена џамија во Португалија или поттикнува промена на родовиот идентитет.

– Некои од овие лажни тврдења може да бидат доста тривијални и лесни за побивање, но целта и не е тие да биде апсолутно уверливи, туку да создадат слика за ЕУ како за диктаторска сила која не остава простор за слобода и затоа не треба да и се верува. А преку нивно повторување, идејата се шири, се наведува во анализата.

Во документот се заклучува дека интернетот е полн со критики кон ЕУ и нејзините правила, при што со ширење на лаги и дезинформации се прави обид да се налутат луѓето во европските земји, особено кога се наближуваат избори.

Кога станува збор за изворите на ваквите тврдења, истражувачите утврдиле дека некои од нив „се појавуваат од никаде на социјалните медиуми“, додека други претставуваат погрешни интерпретации на вистините информации или пак „смели изјави“ на политичари.

– Впечатливо е дека откако овие тврдења ќе се појават онлајн нив веднаш почнуваат да ги шират проруските профили. Тоа е добро познатиот феномен на руската пропаганда: повторувањето функционира, се констатира во анализата.