
„Регенерација“ – изложба на Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска во КИЦ Белград
Македонскиот КИЦ во Белград вечер ќе биде домаќин на изложбата „Регенерација“ на која ќе се претстават три афирмирани претставнички на современата македонска ликовна уметност, Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.
Македонскиот КИЦ во Белград вечер ќе биде домаќин на изложбата „Регенерација“ на која ќе се претстават три афирмирани претставнички на современата македонска ликовна уметност, Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.
Како што најави КИЦ-Белград, обединувачки лајтмотив на нивната заедничка ликовна концепција се рефлексиите врз уметникот како индивидуа, во годините на колективен и личен страв од непознатото, во не така дамнешните години на владеење на пандемијата од коронавирусот.
-Преку исклучително оригинални ликовни решенија, трите македонски ликовни уметници ги изразуваат сопствените анатомии на стравот, мапите на личниот отпор кон сите ограничувања на личните слободи и права, како и траекториите на личните процеси на свое целосно регенерирање и враќање кон нормалните и вообичаени правила и стандарди на живеење. Со заедничката ликовна концепција наречена „Регенерација“, Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска упатуваат јасно предупредување и порака да не се предаваме на културата на заборавање, но и во сопствените регенерации низ сите животни процеси и предизвици, да ги имаме културата и уметноста како свои упоришта и сигурни прибежишта, соопшти Македонскиот КИЦ во Белград.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам, ќе биде отворена од директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а белградската публика ќе има прилика да ја посети до 9 јули.