Револтирани од листата за помилување затвореници, од АА истурија црвена боја пред Правда

Во знак на револт за иницијативата за помилувања на дел од затворениците, од политичката партија Алијанса за Албанците фрлија црвена боја пред Министерството за правда.

Омер Ајдини – член на Форумот на млади на АА рече дека бараат итна оставка од министерот за правда, заменик министерот и сите чинители кои ја преземале оваа иницијатива за помилување.

„Се наоѓаме пред Министерството за неправда да го изразиме својот револт во врска со иницијативата на ова Министерство за помилување на криминалците и крадците во оваа држава. Станува збор за убиецот на малиот Алмир – Бобан Илиќ. Ова е кулминација и повеќе не може да се издржи. Тоа се луѓето кои се спремни да ја згазат крвта на Алмир, нашата крв и само со единствена цел да ги чуваат своите министерски позиции. Пред Министерството за неправда симболично ја фрливме крвта на оние кои настрадаа од овие криминалци, за да ви покажеме дека се подготвени да ја нагазат оваа крв само за да ги бранат своите позиции. Бараме итна оставка од министерот, заменик министерот и целото раководство што ја презеде оваа иницијатива“ – рече Ајдини.