Ребалансот на Буџетот повторно на комисиска расправа во Собранието

Комисијата за финансирање и буџет во Собранието и денеска ќе да ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот за 2022 година. За говор по општата расправа се пријавени уште двајца пратенци по што треба да почне амандманската расправа во која треба да се разгледаат повеќе од 200 амандмани поднесени претежно од опозицијата.

Во претходните три дена од комисиската расправа за ребалансот пратениците од опозицијата и од власта имаа спротивставени ставови.

За опозицијата ребалансот е доказ дека економијата е разрушена и дека постојано се зголемува сиромаштијата.

Пратениците од власта, пак, порачаа дека со ребалансот се остварува заштеда на сериозни средства кои ќе се искористат за директна помош за граѓаните и за стопанството.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи.

Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.