Ребалансот на Буџетот е во собраниска процедура, ставовите на власта и опозицијата се различни

Комисијата за финансирање и Буџет денеска ќе ја продолжи расправата за ребаланс на Буџетот за 2022 година.

Вчера министерот за финансии Фатмир Бесими во своето експозе рече дека со предлог-ребалансот на Буџетот треба да се одржи макроекономската стабилност, да се поддржи економијата за враќање во претпандемиското ниво, но и да се одржи социјалната сигурност на граѓаните и посочи дека цели кои треба да се постигнат со овој документ е таргетирана поддршка за граѓаните и фирмите за надминување на предизвиците кои ги донесоа новите светски кризи.

Со предлог- ребалансот на буџетот приходите се проектирани на 245,8 милијарди денари и тие се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека расходите на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Тековните трансфери се планирани на ниво од 189,7 милијарди денари или за околу 19 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година.

Во ребалансот се предвидени 4,7 милијарди денари дополнителна финансиска поддршка за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи.

Исто така, предвидени се и дополнителни субвенции и трансфери за земјоделците, односно на првично планираните субвенции дополнителни 3,2 милијарди денари. Овие средства имаат за цел да ги стимулираат приносите и продуктивноста, за да се амортизираат на ценовните притисоци на основните прехрамбени производи,

Планирани се и повисоки трансфери до општините, пред сѐ поради раст на блок-дотациите за покачување на платите во градинките и во основните и средните училишта за 15%.

Со ребалансот се предвидуваат и средства за раст на пензиите согласно новата методологија според индексот на трошоците за живот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50 отсто. Планирани се и дополнителни 2,4 милијарди денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош.

Предвидени се средства за субвенции на придонеси за поддршка на работодавачите за раст на платите во приватниот сектор, вклучително и ефектот за субвенционирање на придонесите за минималната плата.

За пратениците од власта, со ребалансот се овозможува продолжување на досегашните мерки и политики за справување со последиците од светската економска криза.

Ставот на опозицијата пак, е дека овој ребаланс е директен доказ за тоа дека земјава е на раб од банкрот, економски разрушена, испокрадена, во која на дневна основа се зголемува сиромаштијата.

За ребалансот на буџетот поднесени се вкупно 204 амандмани. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднела 174 амандмани, Алијанса за Албанците 28, додека владејачката СДСМ доставила два амандмани.

Амандман најави и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) со кој бара во ребалансот на Буџетот да бидат обезбедени пари за зголемување на платите во јавниот сектор за 2.806 денари во нето износ.