Во Париз вечерва ќе се знае кој е новиот фудбалски владетел во Европа – на програмата е финалето на Лигата на шампионите.
Ќе се судрат титаните Реал Мадрид, кој има 14 трофеи во оваа конкуренција и Ливерпул кој ќе се бори за седмиот.
Ова ќе е трето меѓусебно финале на шпанскиот и англискиот тим во ова натпреварување.
Мечот започнува во 21 часот на стадионот „Франција“.
Ливерпул имаше далеку подобар распоред до финалето.
Групната фаза во ЛШ ја заврши со максимални 6 победи во 6 натпревари, а во нокаут-фазата ги елиминира Интер (2:0, 0:1), Бенфика (3:1,3:3) и Виљареал (2:0,3:2).
Реал Мадрид во нокаут-фазата имаше многу потешка задача.
Во осминафиналето го елиминира ПСЖ и тоа откако во првиот натпревар загуби со 0:1, но во реваншот со три гола во второто полувреме дојде до победа од 3:1. Во четвртфиналето играа против Челси и го елиминираа благодарение на Карим Бензема.
Во полуфиналето, Реал беше пред елиминација се до 85. минута од натпреварот имаше негатива од 3:4 од првиот натпревар и 0:1 на „Сантијаго Бернабеу“. Но, од 90 до 95 минута постигна три гола преку Винисиус Жуниор и Бензема и си обезбеди пласман во финалето.