
Реакции на ОБСЕ и на Конгресот на локални и регионални власти на СЕ за локалните избори во Србија
Претставникот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите, Јан Брату, доцна синоќа на Х оцени дека на локалните избори одржани во неделата во 10 места во Србија имало „невидено ниво на насилство и заплашување новинари“ и ги повика српските власти да го осудат тоа „јавно и недвосмислено“.
Претставникот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите, Јан Брату, доцна синоќа на Х оцени дека на локалните избори одржани во неделата во 10 места во Србија имало „невидено ниво на насилство и заплашување новинари“ и ги повика српските власти да го осудат тоа „јавно и недвосмислено“.
„Изборите во десет општини во Србија беа обележани со бројни документирани опструкции и физички напади врз новинари“ наведе тој и ги повика српските органи за спроведување на законот и обвинителството да ја заштитат слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и да ги гонат сторителите на нападите и заплашувањата.
„Безбедноста на новинарите е обврска и одговорност на државата“, нагласи Брату и подвлече дека „разликите во политичките ставови не го оправдуваат насилството и заплашувањето“.

Во објавата тој потсети на обврската на Србија да ја почитува Одлуката на Министерскиот совет на ОБСЕ бр. 3/18, усвоена во 2018 година во Милано за безбедноста на новинарите, што бара од земјите-членки на ОБСЕ да спречуваат, истражуваат и гонат кривични дела против новинари.
Брату беше шеф на Мисијата на ОБСЕ во Србија од јануари 2021 до декември 2024 година, кога ја презеде сегашната позиција претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите.
Набљудувачката мисија на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа (СЕ) оцени дека насилството и принудата се неприфатливи пречки за слободното изразување на волјата на сите гласачи и дека членовите на нивната делегација биле сведоци на насилства во речиси сите општини што ги посетиле во неделата за време на локалните избори во Србија.
На денот на изборите, шест конгресни тимови, со 13 набљудувачи, беа распоредени во мобилни тимови во седум од 10-те општини каде што се одржаа изборите на 29 март и посетија повеќе од 75 избирачки места – од отворањето до затворањето и броењето на гласовите, соопштија од Конгресот.
Тие ги набљудуваа изборите на покана на српските власти и потсетуваат дека биле единствената меѓународна организација за набљудувањето на изборите.
Покрај тоа, низа неправилности поврзани со кршење на тајноста на гласањето и фотографирање на гласачки ливчиња од гласачите беа исто така многу загрижувачки, а реакциите на членовите на изборните комисии на тие случаи беа нееднакви, се додава во соопштението.
Во извештајот, исто така, се наведува дека делегацијата била запрепастена кога видела голем број псевдо-набљудувачи на терен, со 6.500 акредитирани лица, многу од нив од сосема непознати организации, некои без истакната акредитација, а понекогаш вршат различен и прекумерен степен на влијание.