Членовите на семејствата на загинатите во страшната автобуска несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија реагираат по одлуката да не се расправа за трагедијата на собраниската Анкетна комисија.
„Ние, семејствата на жртвите кои ги загубија животите во автобуската трагедија во Бугарија, ја бараме само вистината и правдата“ се вели меѓудругото во дописот до медиумите.
„Побаравме Анкетната комисија да одржи седница за човековите права и слободи во Собранието. Но, денеска добивме одговор дека оваа средба, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја откажал“ – реагираат членовите на семејствата.
Според нив, ваквите одлуки се обид да се сокрие трагедијата.
Тие нагласуваат дека Џафери уште повеќе ја влошил нивната болка и јавно го прашуваат зошто вистината му пречи, кого сака да заштити и зошто не дозволува собраниска истрага за случајот.
„Сега кога веќе ги немаме нашите најблиски, ги бараме само вистината и правдата. За таа цел, побаравме Анкетната комисија во Собранието да одржи состанок за човековите права и слободи. Но, денеска добивме одговор дека оваа средба, иако ја свика претседателот на Комисијата, Халил Снопче, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја откажа“ – се наведува во дописот.
Семејствата на жртвите во трагичната несреќа нагласуваат дека пратениците се народни претставници во Собранието и тие треба да бидат глас и поддршка за граѓаните.