Рашковски најави кривична пријава за Русковска

Екс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски кој е обвинет во случајот „Софтвери“ побара соочување во судница со екс шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска и најави дека ќе и поднесе кривична пријава.

Денеска на новото рочиште неговата одбрана до судот достави дополнување на предложената листа на докази, и побараа од судот како сведок да биде повикана токму Русковска.

„Со нејзиното сведочење апсолутно од самиот почеток до самиот крај додека беше обвинител до вчера ќе докажеме како судскиот процес и целокупната постапка и не само судскиот процес туку и внатре во рамките на Обвинителството е местена целокупната истрага, целокупното поднесување на обвинителниот акт итн. Мислам дека е крајно коректно ако некој застане зад некој обвинителен акт и тврди дека е така, да се соочи во најмала рака со главниот обвинет во случајот – јас и да ги вкрстиме аргументите“ рече Рашковски.

Денешното рочиште за судењето против Рашковски, кој заедно со уште шест лица се товари за нелегалната набавка на софтвер се одложи за 29 ноември, поради болест на еден од обвинетите.

На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје требаше да бидат сослушани повеќе сведоци предложени од Обвинителството, меѓу кои и претставник на државното правобранителство.

Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.