Расте државниот долг, се бараат ли пари преку меѓународни арбитражи?

Ризикува ли власта дополнително да го зголеми долгот на државата? Според последните податоци од Народната банка, на крајот од минатата година, нето надворешниот долг на Македонија изнесувал речиси 4,5 милијарди евра во 2023 година, што претставува 32,6% од проценетиот БДП. Од друга страна, буџетот за 2024 година е предвидено да тежи 5,5 милијарди евра, што е за 5,8 отсто повеќе од 2023 година, пишува „Плусинфо“.

Но, пред државата висат и арбитражни постапки кои можат да ги чинат граѓаните и над две милијарди евра. Од она што е познато од последно објавениот Извештај на Државниот завод за ревизија, над 1,3 милијарди евра изнесува потенцијалната отштета што државата ќе ја плати доколку загуби во споровите во меѓународна арбитража. Заводот констатираше дека актуелните судски спорови во коишто е тужена државата би имале финансиски импликации врз буџетот во наредните неколку години.

Освен постоечките пет арбитражни постапки кои се водат против државата во надлежните судови ширум светот, против Македонија се заканува и нова тужба од над една милијарда евра. Станува збор за инвеститорот во рудникот за бакар во „Иловица“, односно компанијата „Еуромакс ресоурсес“. Инвеститорот веќе информираше дека правната основа за евентуално покренување спор пред меѓународните судови, е билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996-тата година. Оттаму појаснија дека нивен мнозински акционер е Групацијата Трафигура, која како правно лице подлежи на правото на заштита во согласност со наведената билатерална спогодба.

Изминативе денови менаџментот на компанијата најави дека тужбата против државата е сѐ поизвесна, бидејќи Управниот суд не ја прифати нивната тужба. Компанијата покрена тужба пред овој суд откако Владата реши да ја повлече одлуката за спојувањето на концесиите за рудникот. Владата ја поништи одлуката за спојување на концесиите и покрај позитивното мислење од Министерството за економија и судските пресуди во корист на инвеститорот. Дел од експертите претходно алармираа за правниот основ за поништувањето на една ваква одлука и предупредија дека евентуалната арбитража може скапо да ја чини државата.

Тогаш, министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека владината одлука само ја враќа ситуацијата во статус кво и дека ја изложува Македонија на потенцијална арбитражна постапка, која може македонските граѓани во иднина да ги чини милионски суми како оштета.

– После 5-6, 10 години, моите и вашите деца и на сите граѓани од денешните одлуки можат да патат во иднина и да плаќаат милионски суми за административни – технички пропусти – изјави Бектеши.

Според министерот, сите правници, во Министерството и надворешни адвокатски куќи велат дека одлуката на Владата не ја менува суштината и концесионерот „Еуромакс“ ќе продолжи да има сопственост на двете концесии, а оттаму и право да го повтори барањето за спојување на концесиите. Ваквиот став на економските власти можат дополнително да одат во полза на меѓународната арбитража на инвеститорот.