
Бројот на заразени ученици со салмонела се зголеми на дванаесет, потврдија од центарот за јавно здравје за Телма. Апелираат до родителите децата кои имаат симптоми да ги однесат на доктор.
Број на заболени од салмонела по училишта, извор:Центар за јавно здравје
„Војдан Чернодрински“ 4 потврдени случаи
„Владо Тасевски“ 4 потврдени случаи
„Христијан Тодоровски – Карпош“ 2 потврдени случаи
„Јан Амос Коменски“ 1 потврден случај
„Димо Хаџи Димов“ 1 потврден случај
Продолжува вонредниот инспекциски надзор во училишните кујни во основните училишта во Карпош каде има заразени ученици со салмонела. Вчера беа земени примероци од кујните во училиштата „Владо Тасевски“ и „Димо Хаџи Димов“, денеска под вонреден надзор беа и училишните кујни во „Војдан Чернодрински“ и „Јан Амос Коменски“. Инспекторите, освен училишните кујни, го проверија и централниот магацински простор на „Ванила Фуд“. Фирма која врши снабдување со храна во училиштата каде има пријавени случаи на салмонела.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведат вонредни инспекциски надзори во кујните на сите училишта во оваа општина кои со храна ги снабдува овој оператор, поточно и оние училишта каде нема потврдено случаи на заразени ученици со салмонела.
Децата денеска беа на редовна настава. Нивните родители кои не сакаа да зборуваат пред камера велат дека немаат страв, но по социјалните мрежи и групи шират паника дека многу деца кои имаат симптоми не се тестираат и бројката на заразени е повисока.
Кујните во училишта каде има потврдени случаи останува затворена, сè додека не излезат резултатите од земените примероци кои треба да утврдат дали училишната кујна е причина за добивањето на салмонела. Резултатите ќе бидат готови во сабота, а ќе им бидат соопштени на родителите во понеделник.